Воената агресија на Русија врз Украина ни докажа дека мирот не може и не смее да се зема здраво за готово и дека меѓународниот поредок, независно од тоа што се темели на општоприфатени правила се соочува со сериозни предизвици. Случувањата последнава година се потсетување и предупредување дека не секој цели кон мир, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во денешното обраќање на безбедносниот форум што се одржува во Вашингтон, САД, на тема „Како да се спречи руската агресија врз Украина и штетното влијание на Кина во Европа“, во организација на конгресмените Роберт Адерхолт и Пит Сешнс.
Таа нагласи дека во моментов светот се соочува со најголемата безбедносна криза од крајот на Студената војна, а до сега се одбележува една година од почетокот на таа криза.
Како што нагласи, за Северна Македонија, но и за сите земји од регионот, најважно е континуирано да работат на економскиот напредок и развој, владеење на правото и обезбедување подобра иднина за младите, бидејќи на тој начин поефикасно ќе се справат со разните штетни политички влијанија.