На повидок е голем скандал во олимпиското движење. Украина се закани дека ќе ги бојкотира Олимписките игри во Париз, доколку на натпреварот бидат поканети спортисти од Русија и Белорусија. Идејата за испраќање покани до руски и белоруски спортисти ја спомена градоначалничката на Париз, Ан Идалго пред два дена.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) посочи што треба да се случи за повторно вклучување на спортистите од овие две земји на меѓународните натпреварувања. Но, Украинеците веднаш негодуваат само од помислата среде војна руските и белоруските спортисти да се вратат на натпреварите.
„Оваа ситуација е неприфатлива за нашата земја. Нашиот став останува непроменет – додека трае војната во Украина, руските и белоруските спортисти не треба да учествуваат на меѓународни натпревари.
Доколку ова не се почитува, не ја исклучувам можноста за бојкот и наше одбивање да учествуваме на Олимписките игри“,изјави украинскиот министер за спорт, Вадим Гуцеит..
По консултација со претставници на спортисти, меѓународни федерации и национални олимписки комитети, Интернационалниот Олимписки Комитет соопшти дека ниту еден спортист не смее да добие забрана да се натпреварува исклучиво врз основа на пасош./Gol.mk/