Не функционирам под притисок и уцени, а изборите ќе бидат во 2024-та година. На овој начин премиерот Димитар Ковачевски одговори на условувањата од страна на лидерот на БЕСА Биљал Касами, кој за глас за уставните измени, побара предвремени избори. Ковачевски вели дека Уставните измени се државничко прашање, па кој е против ова, истовремено е и против членството во ЕУ, бидејќи е директно поврзано со отворањето на кластерите. Па, поради тоа Ковачевски вели дека условувања по ова прашање се неприфатливи и повикува на широк општ консензус.
– Јас под уцени не функционирам и под притисоци. Тоа беше така од прв ден, така е и денес. Избори ќе има во 2024-та година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за Уставни измени е сериозно, тоа е државничко прашање, затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во отпочнатиот процес на преговори со ЕУ, изјави Димитар Ковачевски.
Биљал Касами вчера порача дека поддршката и гласањето на уставните измени Движењето Беса ќе го условува со предвремени парламентарни избори. Ако се има волја за да се решат проблемите и прашањата во делот на интегрирањето, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни промени и за предвремени избори, рече претседателот на Беса Биљал Касами.