Пратениците од Левица Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев остварија средба со Н.Е. амбасадорката на Република Куба, Мариета Гарсија Хордан, во пресрет на традиционалната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации за укинување на едностраната американска економска блокада врз Куба, која ќе се одржи на 27 октомври.

На средбата беше разговарано за повеќедецениските последици од американската блокада врз кубанскиот народ, при што беше истакнато дека дури 80% од населението на Куба го поминало целиот свој живот под економски санкции. Левица соопшти дека ја осудува политиката на колективно казнување на цел народ заради остварување геополитички интереси, како и повторното американско означување на Куба како „држава спонзор на тероризмот“. Особено лицемерно, според партијата, е ваква квалификација да се упатува кон држава која со децении испраќа лекари и медицинска помош низ светот и остварува значајни достигнувања во областа на медицината.

На средбата била истакната и потребата Македонија да се врати на традиционалната позиција на македонската дипломатија, заснована на суверенитет, неврзаност и солидарност меѓу народите.

„Минатата година, Македонија за првпат отстапи од оваа позиција и се приклучи кон малцинството држави кои гласаа против резолуцијата за укинување на американската блокада врз Куба, наместо да застане со огромното мнозинство од меѓународната заедница“, потсетува партијата.

Левица смета дека меѓународното право не смее да биде прашање на политичка погодност, ниту суверенитетот на државите да зависи од нивната големина, географска положба или подготвеност да им се потчинат на големите сили. Доколку Македонија навистина се залага за меѓународен поредок заснован на правила, тие правила мора да важат еднакво за сите.

Затоа, Левица бара Владата на Република Македонија на 27 октомври да гласа ЗА резолуцијата на Обединетите нации за укинување на американската економска блокада врз Куба и да ја исправи минатогодишната неправда.

„Македонскиот народ има историска традиција на солидарност со народите кои се борат за својата независност, достоинство и право на самоопределување. Македонската надворешна политика мора да ја продолжи таа традиција, а не да ги потчинува државните интереси на туѓи геополитички интереси“, се додава.