Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека безбедносната состојба на северот на земјата е влошена. Тој посочи дека чека што поскоро да реагира КФОР и додаде дека доколку тоа не се случи, Косово само ќе ги отстрани барикадите.

Advertisements

„Тие [КФОР] бараат извесно време сами да ги отстранат барикадите. Сега чекаме да ја исполнат својата обврска. Верувам дека КФОР и меѓународните фактори се решени да го направат тоа што е можно поскоро. Но, заради поголема стабилност, чекаме да го направат тие што ги поставија барикадите“, рече Свечља на прес-конференција во Митровица, велејќи дека условите на Србите, кои биле претставени за отстранување на барикадите, се остварување на политички цели.

На вчерашниот протест во Рударе и Звечан Горан Ракиќ, претседател на Српската листа – партија која функционира на Косово со поддршка на Белград, ги претстави условите за отстранување на барикадите. Тој побара „ослободување на уапсените Срби, повлекување на тајните списоци за апсење на Срби и повлекување на специјалните единици на косовската полиција“. Косовскиот министер ги отфрли и тврдењата дека косовската полиција има списоци преку кои апси поранешни српски полицајци. Тој посочи дека Србија спроведува кампања за дезинформации за тензиите на северот на Косово, каде што живеат мнозинство Срби. „Невистина која во континуитет се изнесува е поврзана со веста дека косовската полиција има списоци врз основа на кои апси поранешни полицајци. Косовската полиција нема такви списоци, ги нема ниту за прогон, а уште помалку за убиства на српските граѓани“, рече тој.

Прикажи повеќе