Повеќе од 90 лица се уапсени во Србија во текот на изминатите две недели, во серија полициски операции. Меѓу уапсените има високи полициски функционери, банкари, вработени во покраинската и локалната самоуправа, како и директори на јавни претпријатија. Апсењата уследија по парламентарните избори одржани на 25 октомври.
На вонредните избори победи „Студентска листа – Студентите победуваат“ (Stude tska lista – Stude ti pobjeđuju), која произлезе од студентско движење што две години предводеше протести против владата. Протестите започнаа откако 16 лица загинаа при уривање на настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година.
Српската напредна странка (СНС), чија изборна листа ја предводеше до неодамнешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ја изгуби власта по 14 години.
Во последните неколку дена речиси секојдневно пристигнуваат вести за нови апсења во Србија. Меѓу уапсените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање на криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ.
Уапсени се уште 17 полициски службеници, а аналитичарите сметаат дека тоа укажува на судири меѓу најмалку две струи во рамките на полицијата. Полицијата го уапси и Давор Мацура, сопственик на „Алта банка“, која е блиска до одредени државни институции и компании. Тој и двајца негови соработници се осомничени дека изнеле околу 380 милиони евра од трезорот на банката. Во банката е покрената постапка за стечај.
Покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ, како и неговиот колега, директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, и управникот на Казнено-поправниот завод „Забела“, Родољуб Рончевиќ, исто така, се уапсени под сомнение за злоупотреба.
Меѓу уапсените се и претседателот на Општина Инџија, Марко Гашиќ, со неговите соработници, како и група директори во Нови Сад. Под притисок на јавноста, започнаа и оставки на функционери на локално ниво.
Правниците предупредуваат дека за време на владеењето на СНС, било речиси незамисливо полицијата и правосудството да постапуваат независно, по службена должност или по бројни пријави што со години „стоеле во фиоки“. Тие сметаат дека апсењата извршени во последните денови покажуваат оти деполитизацијата во институциите станала очигледна и опиплива.

















