Изјавата на Гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска за зголемена трговската размена меѓу Србија и Македонија од дури 20 отсто како резултат на иницијативата Отворен Балкан, само ја потврди исклучително позитивната ситуација на терен.
За амбициозното придвижувањето во оваа насока сведочат и резултатите на нашите најголеми компании, кои за „Локално“ споделија бројки во однос на нивниот зголемен извоз. Така на пример, извозот на „Пекабеско“ во Србија во 2022 година има количински раст од 27% и тоа благодарејќи на погодностите и олеснувањата кои беа добиени со потпишување на договорот за полесен премин на границите во рамките на Отворен Балкан.
Позитивни реперкусии по извозните аранжмани по стартување на мерките на Отворен Балкан регистрира и “Витаминка”, од каде што ја посочуваат потребата од уште побрзо реализирање на чекорите за што поефикасна трговска размена
„Србија, како земја и пазар е традиционален партнер на многу македонски компании и таму “Витаминка” има долгогодишни успешни активности и пред иницијативата Отворен Балкан.Сметаме дека во рамки на оваа иницијатива треба да се посвети поголемо внимание за брзо ефикасно инфраструктурно поврзување на земјите од Отворен Балкан, модернизација на граничните премини и драстично скратување на увозно/извозните и транспортни процедури’’, изјави за Локално, директорот на сектор извоз во „Витаминка“- Прилеп, Љупчо Велески.
Според Велески, сите активности кои се превземаат во регионот, а кои одат во насока на релаксација на меѓусебните односи, упростување на процедурите, модернизирање на инфраструктурното поврзување… делуваат позитивно врз економските процеси во регионот. Како спротивна ситуација го посочува затегањето и компликациите во односите кои делуваат дестимулативно и ги разделуваат заедниците, пазарите и економските субјекти.
Покрај иницијативата Отворен Балкан, како особено позитивен пример во однос на економските последици, односно зголемувањето на извозот на компанијата, Велевски го наведува договорот од Преспа.
„Договорот со Грција во голем дел ги отстрани или значајно ги намали претходните бирократски пречки и на некој начин анимозитетот кој постоеше кон производите со македонско потекло, па последните неколку години Витаминка ( а и многу други македонски компании) разви одлични извозни операции и партнерства со деловни субјекти од Грција, и грчкиот пазар е еден од нашите најважни, брзорастечки извозни пазари“, вели Велески.
Дека бенефитите од Отворен Балкан ги чувствуваат граѓаните говори и високото ниво поддршка од рекордни 82% од македонските граѓани, што е за седум процентни поени повеќе од поддршката пред една година кога изнесувала 75%, информираа од ИРИ.
Според амбицизоните планови на иницијативата Отворен Балкан, доколку работите се одвиваат според предвидениот тек, земјава наскоро практично нема да има граници со Албанија и со Србија. Целта е високо поставена- една економија, без царини, 100 % слободна трговија.
Најавено е отворање посебна лента за камиони, поврзување на министерствата за финансии на сите три земји преку единствен софтвер, зајакната соработка и поврзување на МВР-службите за спречување на корупција и криминал при транспортот, увозот и извозот, како и поврзување на младите преку заеднички престој во хотели во туристички центри како Драч, Охрид, Копаоник, Златибор, итн.
Во регион кој со години наназад беше обременет со меѓусебни конфликти и минато, „Отворен Балкан“ треба да биде демонстрација на напредок што може да го постигнеме сами, единствено насочени кон иднината и подобрувањето на животниот стандард.
Превземено од Локално.мк