Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

„Не нѐ бива, не бива држава од нас“ завршува познаникот и се прашувам дали тоа само така го вели како „убаво времево“, или навистина така мисли. И кои се тие „ние“, бидејќи, очигледно, не мисли на нас двајца, петмина што си се познаваме. И дали, на пример, ако некој за себе си вели „Не бива човек од мене“, воопшто може да функционира, оти тоа личи на прилично само-поразително, скоро самоубиствено убедување за човек. Можеби мисли на „нив“ – не бива држава од „нив“? Тоа се оние другите заради кои „ние“ би биле загрозени. Никако тие другите „да се вразумат“, такво е тврдењето. Можеби затоа се повиците за обединување, за да ја бива државата?

Но, ако сме свесни дека целта за обединување мора во себе да содржи безбедносна и ресурсна компонента (бидејќи пожалувањето за „небивањето“ суштински е вградениот во нас порив за сигурност и достапност до ресурси, односно, подобрување на животот), тогаш малку е појасно дека за што и да расправаме – крајното значење е наша едноставна, искрена проценка на негативните исходи кога не би, наспроти кога би се интегрирале како држава во ЕУ. Значи, како да се обединиме „за да ја бива државата“, за или против ЕУ?

Кога не би настојувале кон влез во ЕУ, тогаш би си тркалале процес на бавно гниење во проблеми, воглавно коруптивни и тоа е, во принцип, ставот за што НЕ треба да се прави. Добро е што тоа го гледаат и Владата, и Претседателот, и либералната јавност.

Односно, тежнеење кон вредностите на ЕУ = позитивен исход на „бивањето на државата“.

Допишување на уште делови од народи во Уставот, дури и не влегува во равенката, или барем не на негативен начин, бидејќи тоа не нарушува ничии човечки вредности, напротив, зајакнува. Па дури и ако не се игнорира националното (а на место е да се игнорира во задачата, бидејќи задачата е интегрирање на државата Македонија во ЕУ, а не специфично интегрирање на Македонците), пак има додадена позитивна вредност, значи, и од националниот аспект, бидејќи се декларира дистинкција меѓу македонскиот народ и секој друг споменат дел од народ, специјално, бугарскиот (ставениот на разглас).

Равенкава оддесно е негативна само во националистичките оправдувања, со изумот – условот за допишување на дел од бугарскиот народ во Уставот да се прогласи за параметар кој самите можат да си го полнат со негативни вредности. Така, си добиваат (поточно, така си ја бранат презентацијата) дека интеграцијата на Македонија во ЕУ би довела до негативен исход – би предизвикала некој (необјаснет) вид на нацио-деменција. И сега, ако навистина сакаме да ги разбираме работите, вакви скокови во резонирањето се показател дека нема резонирање. Резонот е, вистински, во – дали внатрешно ќе ја спремаме државата да се бори со корупција за да има ресурси и безбедност за сите или ќе бараме лепливи националистички рачки само затоа што после груевизмот веќе срамота е да се рече „корупција-морупција“.

Значи, жителите на Македонија не се обединети во паметот за бивање на државата Македонија, бидејќи грст лакоми богомолки влечат за нос дел од тие жители со националистички хиперактивен дефицит на внимание. Односно, нивните пропагандни батлери ни пуштаат фантази-хорор филмчиња за националното, за да заборавиме на сработување на домашното за државата. Да не видиме дека парадоксот нација версус држава е апсурдна креација. Уште повеќе, да глумат демократија што креирале неопределени (неодлучни, неутрални, па и „неутрални“) измислувајќи страна за воопшто да може да се креира парадоксот. Да одлучуваме на начин, небаре вистината се одлучува со кандидатура меѓу измислици. А притоа, неопределеноста не помалку да се изглорифицира отколку бирањето на измислица. Затоа што одвлекување од стварноста, од вистината – која е точно една (и ни е пред нос!), може и подесно и понасреде, нели?

Значи, ако си го вратиме фокусот на државата, националното ќе следи. За несреќа, нашиве богомолки им се многу забележителни на другите држави и тоа е проблем за нашата држава како целосен ентитет меѓу другите држави.

Прво, државата е држава затоа што има закони и структура со цел сигурност на индивидуата во границите. Секоја говорна негација на тоа („не ја бива државата“) е не само обид за посејување на истата негација кај други луѓе – како вирус кој затапува или разочарува, туку е и проекција за фактичко остварување на таа негација. До конечно уништување. Не е тоа некоја метафизика, секој знае дека ако сам човек си вели „не ме бива“, навистина нема да го бива (во бескраен засилувачки циклус, но никогаш нема прво да го бива пред да си рече дека го бива, нели?) и не може да живее така. Разликата со државата е само во бројот на таквите говорници во самата држава, кои во оваа споредба се аналог на внатрешниот глас на една индивидуа.

Очигледно, пропагандата смета дека бројот на истоговорници (не можам да тврдам дека се истомисленици) е одлучувачки за прифаќање на некое тврдење како вистина, без оглед на неговата реална вистинитост. Тоа е познатата Гебелсова – за „повеќе пати кажана лага“, која е логички, етички и смисловно недозволена инверзија на сложувањето околу фактичките вистини. Во принцип, така еден пропаганден центар креира „вистина“, преку квантитетот на индивидуи што искажуваат некое тврдење. Квалитетот на „верувабилноста“ на тврдењето го определува степенот на неговото ширење и затоа тоа најчесто е во облик на лична проценка. Оговарањето е суровински пример за слична динамика на ширење.

Во рамки на групи кои декларираат издвоеност од други групи, едно тврдење може експресно да се прошири и без да има никакви квалитети, заради конформизам на индивидуите, а пак, конформизмот е истиот механизам кој превенира отфрлање од групата и загрозување на опстанокот. Резултатите од експериментот на психологот Соломон Аш од 1952 г. за степенот на конформизам – дали човек ќе даде точен одговор на прост проблем со еден точен одговор (со должини на отсечки) или ќе се согласи со неточен одговор затоа што групата го тврди не точниот одговор, укажува дека природната човечка отпорност на пропаганда е многу мала, просто, крупно решето е. Човекот е неотпорен кон очигледно погрешни тврдења, сѐ додека не си го освести сопствениот порив за конформизам кон групата и на која група се прилагодува. Ако не ги употреби своите повисоки когнитивни способности, тогаш, според последователните невролошки резултати за Ашовиот експеримент, индивидуата е практично осудена на променето разбирање на стварноста на невролошко ниво. Кратко речено, пропагандата го доведува и го утврдува човека во тешка заблуда за стварноста и тоа лесно може да стане опасно по животот, и за него, и за други.

Значи, некој центар може со помош на пропаганда да го искористи поривот за опстанок на индивидуата преку нејзиниот конформизам кон групата, токму со цел – да го загрози нејзиниот опстанок! Едно такво пропагандно тврдење рие поединечно, но преку групата, преку послушноста кон главниот, преку секој можен вид на чувство на припадност измешано со зависност и конформизам, со цел во индивидуата да ја изронка, на пример, идејата за држава како валидна „мембрана“ за заштита.

Второ, тоа што државата има ингеренции да ја заштити индивидуата и ѝ го обезбедува опстанокот и што тоа е пропишано од цел свет, меѓународно, за секоја држава и што државите се факт, произлегло од тоа што таквата идеја за држава е цивилизирана – човекот да може слободно да бара повисока среќа отколку нон-стоп да се ангажира за својата безбедност и исхрана. Така што, ронкањето на поимот за држава во поединецот има за конечна цел да ги раствори границите на таа држава во стварноста. Значи, не зборуваме за благородната идеја за свет без граници, туку за уништување на една граница во свет со држави.

Ова малигно влијание на пропагандните центри се остварува во групи со различни големини – во семејството преку конформизмот кон патријархалноста, зајакната во поголема група што слави авторитарен псевдобог, до авторитарни водачи на партии кои влечат влијание од сите претходни нивоа на конформизам. Последниве, како кандидати кои имаат шанси да управуваат со елементи на државниот апарат, лажно декларираат ултимативна заштита на поединецот преку групата наречена – нација.

Ваквите групи (нација, раса итн. од другите основи за дискриминација) се затворени, слично како муви во стаклена тегла со тежок поклопец. Нацијата, во емоцијата на приврзаникот е херметички изолирана од други нации според самиот концепт за нација, а тоа, пак, од аспект на воспоставување на авторитарност, за приврзаникот е многу лесно за конформизам, многу тешко за самостојно излегување од теглата, а за диктаторот – многу лесно за излажување дека затвореноста е безбедност. Но, концептот на нација е тотално импотентен на темата безбедност и ресурси, бидејќи нацијата, без државниот апарат, нема моќ да ѝ пружи на индивидуата никаква заштита, туку само зема од неа енергија (гласови, паравоени формации, разни здруженија итн.) за одржување на концептот.

Може слободно да се каже дека нацијата, како концепт, е атавизам, кој во некои стари времиња придонел за оформување на концептот на држава, но до тука престанува нејзината функција. Срамота е да не научиме ништо за злоупотребата на концептот нација после Хитлер и да дозволуваме акрепот национализам роден во злоупотребата на концептот нација да паразитира меѓу нас, токму против опстанокот и благосостојбата на секој човек, вклучувајќи ги тука и самите авторитарни водачи.

Авторитаризмот е важен фактор за малигност на пропагандата, бидејќи тој, како потреба за потчинување на лидер, агресија кон цел одредена од лидерот и зомбично-инсистентна желба за наметнување на социјални норми и конвенции кои сите би морале да ги следиме, е механизам за отстранување на нормалната, слободна човечка желба за постигнување на повисок квалитет на животот. Воедно дејствува и на уверување на луѓето дека немаат ништо (ни своите способности), ги држи под основното човечко ниво на потреби, за лидерот селективно да им ги подарува како услуга по заслуга. А заслугата може да биде и акт спротивен на цивилизираните вредности, ако не и некој прекршок или кривично дело. Авторитаризмот (без оглед кој „лепак“ за кохезија ќе го искористи – нација, раса, итн.) е во контрастна спротивност со денешниот цивилизиран концепт за држава.

Ако последново звучи познато, тоа е затоа што не толку одамна Груевски ни го „овозможи“ тоа доживување. Надмашувањето на Штази во прислушувањето ни ги дополни личните спознавања на авторитаризмот. Ако звучат познато и неговите карактеристики, тоа е затоа што и од опозиција, неговиот избраник за чувател на „престолот“ е инструиран да ги пропагира, иако по невешто од него. Останатите пропагатори, наклонетите кон авторитаризам и уверените во национализам се дел во (компензирана) инерција, како некои медиуми, дел во инерција со стравови и претпазливости („животот е борба“, ќе чуеме од нив), а дел, само во интелектуална мрза. Сите тие не сфаќаат или се малодушни за какво обединување треба да се оствари за да се обезбеди опстанокот на цела држава, наместо- токму тоа што на истите тие сепак им пречи – да се бираат заслужни црешки додека сите останати се секираат како ќе се прехранат или дали ќе останат живи. Само чистата намера внатре во државата за опстанок на таа држава, во смисла на одеднаш и сосем цела држава, ја прави државата играч во меѓународната анархична џунгла.

Светот нема структура на влада, секоја држава е препуштена да работи за себе (за своите жители). Но, фактот дека после илјадници години сеуште постои човештво и се развива, говори за тоа дека работењето за своите жители од страна на државите е добро и успешно. Денес е веќе јасно дека тоа не е баш добро спроведливо со пештерски начини, како чисто егоцентрично грабање и нарцисоидно „натепување“ на други држави, туку се преферира соработка или компетитивно ценкање на тема безбедност и ресурси. Особено соработката е важна во ситуација кога државата е мала и без доволно сопствени ресурси. Дури и најсилните држави избегнуваат непријателства и се обединуваат за повисоки цели повторно на тема повисок квалитет на животот на своите жители. Оние кои не предизвикано наштетуваат на други и оние кои се недоследни со ветувањата, ги стигнува казна од посилен.

И сега ова да го споредиме со „реципроцитетот“ за кој се залагаат Мицкоски, Апасиев плус Трајанов (МАТ) наместо да се борат за ресурси за државата, подобар живот на нејзините жители, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Дали еден лав или слон од џунглата имаат трпение за три бескорисни богомолки. Однесувањето на Мицкоски и стадото зависници од Груевски во Собранието, како и Апасиев и Трајанов, е правење меѓународен мајтап од државата, бидејќи пред другите држави излегува дека Македонија не е сигурна дека сака да обезбеди сигурност и благосостојба за своите жители. Односно, Македонија, наместо како меѓународен играч на масата, МАТ ја нудат како оброк на масата.

Меѓународната сцена како стварност и симулацијата Diplomacy се многу слични, како што уверуваат стручњаците. За Diplomacy, пред три недели се објави дека, конечно, една вештачка интелигенција успеала човечки-паметно да ја одигра. Повеќедецениското доцнење после компјутерскиот шах се должи на милиони милијарди пати поголема сложеност по потег. Стратегиите, и во Diplomacy, и во дипломатијата се повеќестран аналог на познатото обединување за „лов на елен“ или не обединување за секој посебно „да си лови зајак“, од теоријата на игри. Тоа се игра со повторувања (што дополнително ја усложнува паметноста на потезите), и во однос на ресурсите, и во однос на безбедноста. Оние кои не соработуваат или, уште полошо, наштетуваат на други, ги стигнува казна, не можат да останат на статус кво. Кога државите се обединуваат во „ловот на елен“ наградата за сите е голема и прави технолошки и цивилизациски поместувања напред. Кога ќе одлучат секој посебно да „ловат зајаци“, се одржува статус кво. Скриените мотиви се подразбираат и се вкалкулирани. Така е во теоријата на игри, така е во симулацијата, така е во меѓународните односи.

Но, оние држави кои заглибиле во безбедносно и ресурсно тотално погрешен, неупотреблив концепт како што е нација – наместо да се претстават со сфатливи намери пред другите држави за разни видови соработка со цел подобрување на животот на своите жители – не би можеле ни да се прифатат како држави-учеснички на меѓународната сцена. Кога во Diplomacy би се вградиле вакви ирационални внатрешни играчи во државите како нашите МАТ, една вештачка интелигенција веројатно би кренала раце од недоследностите и би изјавила „Држави, не ве бива, преземам јас и во стварноста“…

Преземено од frontline.mk