Реал и Монако го одиграа најнеизвесниот натпревар од стартот на сезоната во Евролигата. Победата му припадна на францускиот тим 94:95. Кошаркарите на Реал имаа сигурна победа, во последните 10 секунди влегоа со предност од четири поени (88:84). Сепак, кошмарен за нив беше последниот напад на Монако.
Американецот Мајк Џејмс на 4,3 секунди до крајот постигна неверојатна тројка преку високиот центар Валтер Таварез и успеа да изнуди фаул. Џејмс израмни на 88:88, а потоа во продолжението Монако имаше повеќе самодоверба и заслужено ја однесе победата.
Најефикасен кај Реал беше Џанан Муса со 24 поени, додека Таварез, со фаулот над Џејмс, фрли сенка на одличната партија во која покрај 17 поени имаше и 18 скока.