Домородните племиња во перуанскиот Амазон приведоа група странски и перуански туристи кои патувале со речни чамци во знак на протест против недостигот на владина помош по излевањето нафта во областа, јавуваат локалните медиуми.
„Со оваа акција сакаме да го свртиме вниманието на владата, има странци и Перуанци, има околу 70 луѓе“, изјави лидерот на племето Кунинико, Вотсон Трухило за радио РПП, како што пренесува АФП.
Меѓу заложниците има државјани на САД, Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и Швајцарија.
Локалните медиуми јавуваат дека има жени и деца, бремени жени и лица со посебни потреби.
Трухило рече дека заложниците ќе ја поминат ноќта во бродот додека чекаат да се реши ситуацијата.
Тој додаде дека неговата група презела „радикални мерки“ за да изврши притисок врз владата, од која бара да испрати делегација и да ја процени еколошката штета по излевањето на 2.500 тони сурова нафта во реката Кунинико на 16 септември.
Излевањето е предизвикано од пукање на нафтоводот Норперуано.
Владата и полицијата засега не го коментираат инцидентот што се случи кај притоката на реката Маранон.
Домородните заедници веќе го блокираа транзитот на сите пловни објекти по реката во знак на протест.
На 27 септември, владата прогласи 90-дневна вонредна состојба во погодениот регион, дом на заедниците Кунинико и Ураринас.
Овие две племиња заедно имаат околу 2500 жители.
Нафтоводот Норперуано долг 800 километри, во сопственост на државната компанија Петроперу, е изграден пред четири децении за транспорт на сурова нафта од регионот на Амазон до пристаништето Пиура, на брегот.
Од компанијата тврдат дека до излевањето дошло затоа што некој намерно го оштетил нафтоводот.