Новиот шведски премиер Улф Кристерсон денеска во парламентот ја претстави коалициската влада на десниот центар, ветувајќи дека ќе го промени курсот за миграциската и енергетската политика и кривичното правосудство.

Малцинската влада на Кристерсон, кого парламентот вчера го избра за премиер, ја сочинуваат неговата Умерена партија, Демохристијаните и Либералите, а извршната власт е поддржана од антиимиграциската партија Шведски демократи, која претходно имаше екстремно десничарски позиции.

Новата влада претставува остар пресврт надесно за земјата каде што левиот центар Шведската социјалдемократска работничка партија беше на власт во последните осум години, коментираат аналитичарите.

Кристерсон денеска пред пратениците вети преиспитување на кривичниот закон и пошироки овластувања на полицијата во борбата против криминалните банди, кои во последните години станаа помоќни и поагресивни.

– Ниту една друга земја во цела Европа нема тренд на насилство како Шведска, со 53 фатални престрелки од почетокот на годината. Владата сега ја започнува најголемата офанзива против организираниот криминал во шведската историја, рече 58-годишниот Кристерсон.

Тој, исто така, вети „промена на парадигмата“ во имиграциската политика, означувајќи го дефинитивниот крај на децениската либерална имиграциска политика, чие заострување веќе започна за време на претходната социјалдемократска влада.

Тој изјави дека имиграцијата во Шведска станала „неодржлива“ и додаде дека тоа резултирало со лоша интеграција, невработеност, несигурност и други проблеми.

Околу 20 отсто од 10-те милиони жители на Шведска се родени во странство, а многу од нив се бегалци од земјите зафатени од војна, вклучувајќи ги Сирија, Ирак, Авганистан и Сомалија.

Ставовите кон имиграцијата во Шведска станаа поостри во последниве години, што придонесе за подемот на партијата Шведски демократи, која благодарение на поддршката од кабинетот на Кристерсон, ќе може да влијае на владината политика во области како што се имиграцијата и правосудството.

Од друга страна, опозициските политичари од левиот центар ја обвинуваат коалицијата на Кристерсон дека го поткопува меѓународниот углед на Шведска како толерантна и гостопримлива нација.

Во однос на енергијата, Кристерсон навести зголемување на употребата на нуклеарна енергија, за разлика од претходните влади кои се обидоа да ја прекинат нејзината употреба.

Новиот шведски премиер рече дека целта во производството на електрична енергија ќе се смени од „100 отсто обновливи извори на енергија“ во „100 отсто без фосилни горива“, што остава простор за нуклеарна енергија.

Кристерсон ги поддржува напорите на Шведска и соседна Финска да станат членки на НАТО. Тој денеска рече дека неговата влада ќе се држи до договорот што претходно го постигна со Турција, за прекин на поддршката за курдските групи кои Анкара ги обвинува за тероризам. Турција како услов за прифаќање на влезот на Шведска и Финска во НАТО, ја постави пресметката со припадниците на курдските групи кои живеат во нордиските земји.

Во новата влада на Шведска има 24 министри, од кои 13 се од Умерената партија, шест од Демохристијаните и пет од Либералите.

Министер за надворешни работи е шефот на пратеничката група на Умерената партија, Тобијас Билстром. Лидерот на демохристијаните Еба Буш е назначена за министерка за енергетика, додека 25-годишната функционерка на Либералната партија Ромина Пурмоктари влезе во историјата како најмлада министерка во шведската влада. Таа ќе раководи со ресорот за клима и животна средина.

На изборите на 11 септември, Умерената партија беше трета со 19,1 отсто од гласовите, демохристијаните освоија 5,3 отсто, а либералите 4,6 отсто. Второто место го зазедоа шведските демократи со 20,5 отсто од гласовите, додека сега опозициските социјалдемократи беа убедливо први со 30,3 отсто од гласовите.