Американскиот претседател, Доналд Трамп, и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, наводно имале жестока расправија за време на телефонски разговор изминатиот викенд, во врска со можното продолжување на воените операции против Иран. Разговорот бил исклучително напнат, а еден извор го опишал како „пеколна размена полна со викање“, според израелскиот весник „Једиот Ахронот“.

Весникот се повикува на извори запознаени со разговорот, кои тврдат дека главна тема бил Иран – поточно, несогласувањето меѓу Вашингтон и Тел Авив околу можноста за повторно разгорување на војната. Кабинетот на Нетанјаху, сепак, одлучно го отфрли ваквиот опис на разговорот.

„Лажни вести, целосни глупости“, изјавија од кабинетот на израелскиот премиер. Висок израелски функционер потврди дека Трамп и Нетанјаху разговарале, но негираше дека разговорот бил тежок или напнат.

Извештајот на израелскиот весник доаѓа по напис во „Фајненшел тајмс“, кој се повикува на лице запознаено со дискусиите, во кој се тврди дека Нетанјаху му се јавува на Трамп секој ден за да го поттикне да продолжи со воените напади врз Иран.

Според британскиот весник, упорното инсистирање на Нетанјаху за нови воени дејствија ги вознемирило арапските и муслиманските лидери. Тие се обидуваат да го убедат Трамп да ѝ даде предност на дипломатијата пред продолжувањето на војната.

Вчера, Трамп изјави дека американските сојузници во Персискиот Залив – вклучувајќи ги Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Кувајт – се противат на нова воена кампања против Техеран.

Тој укажа на „позитивен моментум“ кон ставање крај на конфликтот и процени дека понатамошни американски напади врз Иран се „малку веројатни“.