Украинскиот претседател Володимир Зеленски, ја повика меѓународната заедница да ја осуди како што рече, руската „терористичка држава“, по откривањето на масовната гробница и доказите за тортура во Изјум. Откритијата во овој град беа направени неколку дена откако украинските сили ја вратија контролата од руските сили за време на нивната контраофанзива во североисточниот регион Харков. Зеленски рече дека Русија треба да биде казнета со построги санкции.

„Веќе има јасни докази за тортура, за понижувачки однос кон луѓето. Згора на тоа, постојат докази дека руски војници чии позиции не се далеку од ова место, убивале и закопувале граѓани за забава“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски ги спореди наодите во Изјум со масакрот во Буча во пролетта и ги повтори повиците за меѓународен трибунал за Русија. Украинското Министерство за одбрана соопшти дека најмалку 440 тела биле пронајдени на локација во Изјум, но Москва не ги коментираше украинските тврдења.

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека планира да испрати мониторинг мисија во Изјум, а од Белата куќа во Вашингтон коментираа дека извештаите за настаните во Изјум се „одвратни“ и ја опишуваат „бруталноста“ на руските сили во војната.

Од почетокот на контраофанзивата досега Киев тврди дека успеал да врати 8.000 квадратни километри територија од руските сили./Alsat.mk

Исуф Кадриу

Прикажи повеќе