Двете потешко повредени деца од несреќата со српскиот автобус на автопатот „Тракија“ ноќта ја поминаа релативно мирно и остануваат на интензивна нега, изјави директорот на „Пирогов“, д-р Валентин Димитров, пренесува дописникот на МИА од Софија.
Според Димитров, денеска треба да се извршат високоспецијализирани прегледи на едното дете од Србија заради прецизирање и поставување конечна дијагноза.
На другото дете му претстои сериозна операција, со цел да се стабилизираат скршениците на карлицата. Двете повредени деца од Србија се на Одделот за детска реанимација во болницата во Софија.
„Нема директна опасност по животот, но тие се во тешка состојба, времето е прекратко за да имаме некоја поголема промена“, рече Димитров.
Директорот на болницата „Пирогов“ вчера се сретна со роднините на повредените деца и со привремената управителка на Амбасадата на Србија во Бугарија, Славица Паниќ, за да ги информира за преземеното лекување.