Европејците мора да бидат подготвени да ја платат цената за поддршката на Украина и зачувувањето на единството, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во интервју за шпанскиот весник „Паис“. Според него, украинскиот конфликт директно влијае на Европа.
Advertisements
„Сите воени конфликти завршуваат со преговори. Тоа што воено и помагаме на Украина не значи дека не правиме се што е можно за преговори“ – подвлече Борел.
Тој додаде дека Европејците треба да бидат подготвени да се соочат со конфликт кој ќе трае долго во потрага по политички решенија. Шефот на европската дипломатија смета дека јужноевропските земји не треба да покажат недостиг на солидарност со северот на енергетски план.
„Шпанија може многу, бидејќи има една третина од целиот европски капацитет за природен гас. Шпанија може да стане порта кон Европа за гас што ќе биде алтернатива на рускиот гас“ – рече тој.
По почетокот на руската специјална операција во Украина на 24 февруари, голем број западни земји воведоа санкции кон Русија. Како одговор, Москва воведе и реципрочни мерки против соодветните земји.
Европската унија веќе воведе седум пакети санкции, вклучително и ембарго на јаглен и нафта.