Градоначалничката Данела Арсовска, преку писмено соопштение реагираше на изјавата на потпретседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој изјави дека според негов личен став треба да се прекине соработката. Оваа негова изјава доаѓа откако Арсовска го разреши в.д директорот на комунална хигиена Зуди Кока, поради тоа што неговиот брат вчера кај споменикот „Скендербег“ извади пиштол кон демонстрантите.

“Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје.

Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува.

Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат, се вели во реакцијата на Арсовска.