„Ослободувањето од притвор на Артан Груби и Перпарим Бајрами претставува невиден скандал и отворено исмевање со државните институции“, велат од Влен.

„Денес кога јавноста е во шок од информацијата дека еден млад човек во своите триесетти години, кому првото вработување му е токму во Државна лотарија, ја купи својата слобода со гаранција во вредност од над еден милион евра, додека неговиот претпоставен нешто претходно излезе од домашен притвор, иако двајцата повеќе од една година беа во бегство од правдата, се наметнуваат неколку јавни прашања:

Дали Сашо Мијалков му го враќа долгот на Артан Груби за услугите што овој му ги правел, оставајќи го на слобода додека Албанците гниеја по затворите?! Дали ова е сметката за манипулацијата со правосудниот систем преку послушни судии, поради што Артан Груби заврши на американската црна листа?!

Дали правдата и борбата против корупцијата се ставени на тест од рецидивистите на тајните служби и подземјето? И дали сите ние ја плаќаме цената на валканите игри на поранешната власт со експоненти на тајните служби и нивните тивки сојузи со картелите на организираниот криминал?!

Дали овие срамни одлуки на правосудните органи се последица на контроверзните измени на Кривичниот законик, чиј кум беше токму Артан Груби?!

ВЛЕН бара итно објаснување од надлежните органи и одговорните институции во судството и обвинителството за тоа како дошло до ослободување на двајцата лица кои беа во бегство од правдата! Како политичка партија на власт, ќе ги искористиме сите институционални механизми за расветлување на овој скандал и за да ги увериме граѓаните дека нема да има исмевање со правдата и државата!

Истовремено, бараме зголемено меѓународно внимание кон деградацијата на институциите и уништувањето на довербата на граѓаните во правната држава и борбата против организираниот криминал во земја членка на НАТО.

По Артан Груби, кој се наоѓа на американската црна листа поради коруптивни активности во соработка со Мијалков, сега со гаранција од 1,2 милиони евра од притвор се ослободува и Перпарим Бајрами, поранешен директор на Државна лотарија.

Овие случувања не смеат да поминат во тишина, ниту да останат без одговорност. Сите оние кои имале улога во овие процеси ќе понесат одговорност во рамките на своите законски и институционални надлежности.

ВЛЕН го повикува меѓународниот фактор и странските амбасади внимателно да го следат овој процес, во функција на транспарентноста и владеењето на правото.

Груби и Бајрами не смеат да бидат над законот. Никој не смее да ја избегне одговорноста. Одговорност ќе има. Правдата ќе стигне до секого“, се наведува во соопштението на Влен.