Украина во моментов е целосно зависна од увозот на гориво откако Русите минатиот месец ја ракетираа и ја уништија најголемата рафинерија за нафта во Кременчук, изјави денеска Андриј Закревски, претседател на украинската Асоцијација за нафта и гас.

-Сега сме целосно зависни од увозот на гориво. Под притисок се и синџирите за снабдување со железницата. На границите има редици, а ако се додадат уште 3.000 камиони со гориво, ќе се зголеми оптоварувањето врз логистичките рути, рече Закревски, цитиран од Си-Ен-Ен.

Закревски додаде дека од почетокот на војната националната потрошувачка е намалена за 30 до 40 отсто, но дека се уште недостасуваат четири до пет милиони тони гориво на годишно ниво, додавајќи дека пред војната 75 отсто од горивото доаѓало од Белорусија.

-Сега сме во ситуација на ценовен шок. За да ја подобриме ситуацијата со недостигот на гориво, треба да поставиме мобилни комплекси за рафинирање на нафта во регионите на Лавов, Ивано-Франковск и Закарпатија, изјави претседател на украинската Асоцијација за нафта и гас .

„Треба да го зголемиме производството на нафта. Треба да изградиме нафтоводи од пристаништата на Балтичкото Море до Украина, но таму има многу тешкотии“, рече Закревски.