Една од преживеаните патнички, бремената Патрисија, за шпанското радио COPE ги опишала сцените по утринскиот судир на возовите.

„Низ прозорецот видов еден од вагоните што паднал и бил целосно изгорен“, раскажала Патрисија, пренесува Ројтерс.

„Гледам многу луѓе надвор. Луѓето во нашиот вагон покажаа исклучителна присебност со оглед на ситуацијата и ми помогнаа да излезам“, изјавила таа.

„Сите сме тука и се обидуваме да разбереме што се случило“, додала Патрисија.

Тешката железничка несреќа се случи утрово, на 28 октомври, околу 8:54 часот, во близина на местото Урда, во шпанската покраина Толедо, кога се судрија два брзи воза на железничката линија меѓу Мадрид и Андалузија.

Во несреќата учествувале воз на шпанската железничка компанија „Ренфе“ со 397 патници и воз на компанијата „Ирио“ со 147 патници. По силниот судир, два вагона излетале од шините и паднале по насипот покрај пругата.

Шпанските медиуми објавија дека загинати се најмалку 50 лица, додека спасувачките екипи продолжуваат со интервенциите. Според првичните информации, еден од возовите бил запрен на пругата кога другиот удрил во него. Се испитуваат околностите на несреќата, вклучително и можна човечка грешка.