Деветнаесет деца и двајца возрасни се убиени во пукање во основно училиште во јужен Тексас. 18-годишен напаѓач отворил оган во основното училиште Роб, во градот Увалде, пред да биде убиен од безбедносните сили. Бил вооружен со пиштол и со полуавтоматска пушка. Тинејџерот е осомничен дека прво ја застрелал својата баба, а потоа продолжил со нападот. Дејствувал сам.
„Напаѓачот е мртов. Не бараме друго лице или друг осомничен во овој случај“, изјави Пит Аредондо, Шеф полицијата, Увалде.
Гувернерот на Тексас изјави дека напаѓачот, Салвадор Рамос, го оставил својот автомобил пред да влезе во училиштето и отворил оган без причина.
„Сакам да ви кажам дека она што се случи во Увалде е страшна трагедија што не може да се толерира во државата Тексас. И се преземаат брзи дејствија од страна на локалните органи за спроведување на законот“, нагласи Грег Абот, гувернер на Тексас.
Речиси 500 ученици одат во училиштето каде што се случи престрелката, а учениците се на возраст од седум до десет години. За време на говорот во Белата куќа, американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „уморен“ да реагира на масовните престрелки, повикувајќи на контрола врз оружјето.
„Како нација, САД треба да се запрашаат: Кога ќе му го покажеме местото на лобито за оружје? Едноставно не е во ред 18-годишник да оди во продавница за оружје и да купи автомат“, изјави Џо Бајден, претседател на Соединетите Држави.
Американското знаме беше спуштено на половина копје во Белата куќа и на другите федерални згради. Случаите со престрелки низ училиштата се зголемени низ САД. Лани имаше 26 такви случаи. Во 2012 година, пукањето во основното училиште Сенди Хук во Конектикат беше најсмртоносното. Дваесет од 26-те жртви беа на возраст меѓу пет и шест години.
Шкелзен Аќифи