Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин следната недела ќе биде домаќин на разговорите за одбраната на Украина со сојузниците во германската воздухопловна база Рамштајн, соопшти Пентагон,пренесува Еуроактив.
– Целта е да се соберат заинтересираните страни од целиот свет на серија состаноци за најновите одбранбени потреби на Украина и да се осигура дека трајната безбедност и суверенитет на Украина се почитуваат и се развиваат на долг рок, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби за средбата, закажана за вторник.
Според Еуроактив, на состанокот ќе има и прелиминарни дебати за одбранбените потреби на Украина по актуелната војна.
– Сметаме дека е време да се одржи и оваа дискусија, изјави Кирби пред новинарите.
Сепак, главниот фокус најверојатно ќе биде на тоа како да се зголеми понатамошната воена поддршка за Украина на краток рок.
Кирби не кажа колку сојузници ќе бидат вклучени во разговорите. Но, нема да бидат поканети само земјите од НАТО, додаде тој.
Ова доаѓа по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО претходно овој месец со широк спектар на земји кои не се членки на НАТО, како што се Шведска, Финска, Украина, Грузија, ЕУ и партнерите од азиско-пацифичкиот регион.