На 27 ноември (петок) во просториите на ДПМ, со почеток во 12 часот, ќе биде претставена постхумно објавената книга „Обични луѓе“ од Славица Гаџова Свидерска, која содржи нејзини необјавени песни и раскази. За книгата ќе зборуваат Михајло Свидерски, Елизабета Јончиќ и Гордана Јовиќ-Стојковска.
„Во македонската книжевност Славица Гаџова Свидерска ја препознававме, пред сè, како поетеса, како силен и самосвоен лирски глас. Затоа средбата со нејзините куси раскази, собрани во обмислена целина од сопругот Михајло по нејзиното ненадејно заминување, носи двојно чувство: восхит пред зрелоста на еден речиси непознат прозен свет и болна свест за творечкиот пат што прерано бил прекинат. Ова не се попатни прозни белешки на поетеса. Пред нас е изградена раскажувачка поетика, со сопствена естетика, препознатлив ритам и ретка способност секојдневното да се доведе до границите на кошмарот, сонот и чудесното. (…) Преминот од поезија кон куса проза кај Славица Гаџова Свидерска не значи напуштање на поетскиот јазик, туку негово пресоздавање во раскажувачка структура. Поетскиот принцип не ја потиснува нарацијата, туку ја организира однатре: преку ритамот, повторувањето, звучноста и метафоричкото згуснување. Нејзината реченица има пулс, сопствена аритмија и тахикардија, диктирани од внатрешните состојби на ликовите“, пишува Гордана Јовиќ-Стојковска за расказите на Славица Гаџова-Свидерска.
***
Славица Гаџова Свидерска (1984 – 2025) е македонска поетеса, есеистка, книжевна преведувачка и доктор по филолошки науки. Работела како лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Факултетот за странски јазици во Тирана, Албанија. Повеќе од една деценија беше главен уредник на издавачката куќа „Восток“. Зад себе остави богат книжевен и поетски опус кој ги вклучува збирките „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016) и „Политики на стравот“ (2021). „Мистичен си, свету!“ (2025), како и постхумно објавената книга „Обични луѓе“ во (2026) година.
Нејзината научна дејност е забележана преку монографиите „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013) и „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и есеите „За смислата и за апсурдот“ (2017), за релациите меѓу книжевноста, политичкото насилство и дискурсите на моќта, со фокус на влијанието на идеологијата и репресивните системи. Добитничка е на бројни книжевни награди. Од словачки јазик превела десетици книги. Преведувана е на англиски, кинески, арапски, шпански, португалски, италијански, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански јазик.






















