„Мицкоски и Славески не само што ја внесоа Алта банка во Македонија и во банкарскиот сектор во Македонија. Дополнително на Мацура му дадоа да го купи осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија за околу 1,7 милиони евра. Сега се молчи што носи тоа за граѓаните што имаат полиси таму. Прашањето е едноставно. Дали друштвото може непречено да им ги исплаќа штетите на граѓаните“, праша Богданка Кузеска, членка на ИО и портпаролка на СДСМ.
„Дали се загрозени покривања на штети од сообраќајни незгоди, автомобилско осигурување, возила, имот, куќи, станови, патничко и здравствено осигурување, повреди при работа? Што преземаат институциите и зошто Агенцијата за супервизија на осигурување молчи?
АСО треба да одговори дали, по притворот на Давор Мацура во Србија и по одземањето на дозволата на Алта банка ја преиспитала согласноста за неговото квалификувано учество во осигурителното друштво. Дали друштвото располага со законски предвидениот минимален капитал? Дали се изречени мерки на супервизија и што е преземено за заштита на осигурениците?
Свиркачи до нас доставија информации кои очекуваме Славески да ги вклучи во истрагата за Алта банка која никако да ја отвори. Прво, според информациите на свиркачи барањето за преземање на осигурителното друштво било обработено за два и пол дена.
Ако е ова така, како е можно во толку краток рок да се направат соодветни проверки? Второ, свиркачи наведуваат дека наводно во трансакцијата посредувала брокерска куќа во сопственост на братот на претседателката на Советот на експерти на АСО, Дракуловска?
Ако е ова точно тогаш ова е судир на интереси. Дали АСО проверила можен судир на интереси и дали кон Алта Осигурување ги применувала истите критериуми за надзор како кон другите осигурителни друштва?
СДСМ бара Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и АСО да ја објават целата документација, хронологија на одлучувањето, со датумите, мислењата, согласностите и имињата на лицата што учествувале во носењето на одлуките.
СДСМ бара истрага од првиот ден, а ВМРО зборува за спас. За ВМРО-ОКГ и Мицкоски, единствениот спас е преземањето на банката за да не се отворат сметките и да не се проверат трансакциите. Обвинителот Савески ако не е на екскурзија, да не чека, туку да постапува по закон и независно“, изјави Богданка Кузеска, членка на ИО и портпаролка на СДСМ.


















