Извештајот на Европската комисија за 2026 година ги нотира преземените чекори во реформата на јавната администрација и умерениот напредок во поставувањето поцврста институционална и законска основа за нејзино функционирање. Овие оценки се важна потврда за реформската насока кон која сме целосно посветени, но и јасна обврска започнатите промени да продолжат со уште посилна динамика и да донесат поконкретни резултати во функционирањето на институциите, велат од Министерството за јавна администрација.

Од таму додаваат дека Европската комисија го нотира зајакнувањето на капацитетите на Министерството за координација и следење на управувањето со човечките ресурси во јавната администрација.

„Ова е резултат на системски пристап кон реформата, кој во изминатиот период донесе конкретни законски и институционални промени, преку усвојувањето на новите закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор во 2025 година и Законот за високите раководители во 2026 година. Овие законски решенија се темел за воспоставување професионален и одговорен систем, во кој стручноста, заслугите и компетентноста ќе бидат водечки принципи при изборот, напредувањето и раководењето во јавната администрација“, велат од МЈА.

Особено значаен чекор во оваа насока, додаваат од таму, е воспоставувањето на Академијата за јавна администрација, како еден од клучните столбови на реформата и долгорочната професионализација на јавниот сектор. Појаснуваат дека нејзината улога ќе биде суштинска во создавањето нова генерација административни службеници, преку систем на континуирана едукација, специјализирани обуки и развој на компетенции засновани врз европските стандарди и современите практики на јавно управување.

„Во извештајот посебно е препознаена улогата на Советот за реформа на јавната администрација како клучен механизам за обезбедување политичко лидерство, континуирана поддршка и стратешки надзор над реформскиот процес. Неговата улога е од суштинско значење за одржување на реформскиот континуитет, утврдување на приоритетите и координирано спроведување на реформите на највисоко институционално ниво. Особено важен столб на реформата е унапредувањето на проценката на влијанието на регулативата (ПВР), како инструмент за суштинско подобрување на процесот на подготовка и донесување закони и креирање јавни политики. Европската комисија го нотира усвојувањето на новата методологија во јуни 2025 година, со која се воспоставува поцврста основа за систематска и поконзистентна анализа на влијанието на законите“, велат од Министерството.

Како дел од унапредувањето на системот за управување со човечките ресурси, додаваат од таму, се нотира и надградбата на Информацискиот систем за управување со човечките ресурси (ИСУЧР), кој има за цел обезбедување на поефикасно управување со кадровските процеси и претставува основа за подобра евиденција, координација и управување со вработените во јавниот сектор.

„Министерството за јавна администрација останува посветено кон реализација на реформската агенда, а во насока на трансформацијата на јавната администрација во модерен, професионален и ефикасен систем, усогласен со европските стандарди. Нашиот фокус е градење институции со капацитет, интегритет и одговорност, кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги за граѓаните, ќе ги намалуваат административните бариери за бизнисите и ќе придонесуваат кон функционална, конкурентна и европска држава“, велат од Министерството за јавна администрација.