Албанскиот премиер Еди Рама претстави пакет мерки за справување со насилството и нарушувањето на јавниот ред за време на протестите, со кои се предвидуваат парични казни до 5.500 евра за лицата што ќе оштетуваат имот.

Пакетот предвидува државата да покрива од 70 до 100 отсто од штетата што ќе ја претрпат малите бизниси погодени од провали, грабежи или пожари за време на демонстрациите. Целта на оваа мерка е да им се помогне на сопствениците на деловни објекти да ги надоместат загубите предизвикани од насилството.

Финансиска одговорност ќе имаат и лицата што ќе останат на насилен протест откако полицијата ќе ги предупреди да се разотидат. Од оваа одредба ќе бидат изземени новинарите, лекарите, набљудувачите, службените лица што ги извршуваат своите должности, како и случајните минувачи.

Рама најави и дека родителите ќе одговараат за материјалната штета што ќе ја предизвикаат нивните деца помлади од 14 години.

Албанскиот премиер нагласи дека мерките не се насочени против правото на мирен протест, туку против насилството, уништувањето имот и загрозувањето на јавниот ред. Тој ги отфрли барањата за негово заминување од функцијата, оценувајќи дека политичките промени не треба да се наметнуваат преку насилство.