Поранешната портпаролка на Белата куќа, Кејти Захарија, изјави дека останува „безусловно лојална“ на американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај неговите јавни критики по нејзиниот краток мандат на функцијата, објави „Дејли мејл“.
Захарија (41) ја извршуваше функцијата само пет дена, по што Трамп ја отпушти минатата недела, по серијата грешки и несигурни настапи пред медиумите.
На митинг во Флорида во петокот, американскиот претседател ја опиша како „бедна млада жена“ и рече дека се испаничила кога новинарите почнале да ѝ поставуваат прашања.
„Ми беше чест да работам за претседателот Трамп и никој не бил изложен на толку упорни напади од медиумите како него“, изјави Захарија за „Њузвик“.
Таа додаде дека во текот на неделата во администрацијата на Трамп работела дење и ноќе, во пресрет на конгресните избори на половина од претседателскиот мандат.
Захарија истакна дека имала можност да го набљудува Трамп во контактите со светските лидери, во напорите за ослободување заложници и постигнување мировни договори, како и во обидите да обезбеди поддршка од американските гласачи.
Нејзината смена ја коментираше и поранешната портпаролка на Белата куќа, Каролин Ливит, која оцени дека работата очигледно не била соодветна за Захарија.
Ливит посочи дека функцијата бара темелна подготовка и дека способноста на некој да се снајде пред новинарите не може целосно да се процени сè додека не се соочи со нивните прашања.
Захарија се најде на удар и поради прашања за нејзините правни квалификации. Според објавените информации, во 2011 година не го положила правосудниот испит во Калифорнија, иако подоцна често настапувала на телевизија како правна аналитичарка и се претставувала како правничка.
Дополнителни критики добила и по гостувањето во емисијата на Шон Ханити на телевизијата „Фокс њуз“. Водителот ја довел во прашање нејзината подготвеност, посочувајќи дека нејзиното прво обраќање пред новинарите траело само 14 минути и вклучувало три прашања.
Захарија недостигот од подготовка го оправдала со брзиот процес на именување и ограниченото време што го имала на располагање за да се подготви за функцијата.



















