Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на единство во владејачката коалиција, предупредувајќи дека Германија се соочува со сè поголеми закани од политичкиот екстремизам и, како што наведе, со секојдневни обиди на Русија за дестабилизација на земјата.

Говорејќи на конференцијата на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринската партија на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Баварија, Мерц оцени дека Германија се соочува со „исклучително сериозни предизвици“, пренесе Ројтерс.

„Како да ги заштитиме слободата и безбедноста во Европа соочени со сè поголемите закани од екстремистите во земјата и од странските сили однадвор?“, праша Мерц, тврдејќи дека Русија се обидува „секојдневно да ја дестабилизира Германија“.

Канцеларот, кој на конференцијата пристигна во придружба на баварски дувачки оркестар што ја изведуваше песната „Eye of the Tige “, ги пофали министрите од редовите на ЦСУ во сојузната влада и му оддаде признание на лидерот на партијата, Маркус Зедер.

Мерц ја отфрли можноста за соработка со АфД

Мерц повторно се спротивстави на предлозите на дел од конзервативците да се разгледа можноста за соработка со Алтернативата за Германија (АфД), која, според наведените анкети, има најголема поддршка на национално ниво.

„Секој политичар што гласа заедно со таа партија нема што да бара во нашата Унија“, порача Мерц, мислејќи на конзервативниот блок ЦДУ–ЦСУ.

Делегатите на конференцијата со силен аплауз го поздравија споменувањето на Илзе Ајгнер, политичарка на ЦСУ која партијата ја предложи за наследничка на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, чиј мандат истекува следната година.

ЦДУ засега не ја поддржал кандидатурата на Ајгнер, а партиски извори наведуваат дека не е исклучена можноста конзервативците да предложат свој кандидат за претседателската функција, која главно има церемонијален карактер.

Спор и околу Левицата

Мерц ги повика и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените да не формираат коалиција со партијата Левица во Берлин. Тој ја обвини Левицата дека толерира антисемитизам во сопствените редови, што партијата го отфрли.

Изјавите на германскиот канцелар доаѓаат по неколку недели тензии во владејачката коалиција, дополнително засилени со изборните порази на регионалните избори во источна Германија.

Според Ројтерс, десничарската АфД освоила прво место во две сојузни покраини, додека Левицата победила во Берлин.

Поддршката за Мерц паднала на рекордно ниско ниво, а несогласувањата продолжуваат и меѓу коалициските партнери и во рамките на конзервативниот блок ЦДУ–ЦСУ.