Двајца странски државјани кои планинареле кон врвот Пирибег биле затекнати од неповолни временски услови и се засолниле во планинарски објект во близина на границата со Косово. По координирана акција на надлежните служби од двете земји, планинарите биле пронајдени во добра здравствена состојба и транспортирани кон Штрпце, на косовска територија, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пријавата била примена денеска во 8:22 часот преку единствениот број за итни повици 112. По проверката на условите за пристап до локацијата било утврдено дека од македонска страна до објектот може да се стигне единствено пеш, а поради временските услови, патувањето би траело повеќе од шест часа во еден правец. Хеликоптерски пристап не бил можен поради дождот и маглата.

Како посоодветно решение било оценето извлекување од косовска страна, каде што има пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до објектот во кој се засолниле планинарите.

По приемот на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово ги известил надлежните служби, меѓу кои Полициската станица Теарце, Центарот за итни случаи – Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачното одделение Тетово. Во координацијата биле вклучени и ЈП „Национални шуми“ – подружница Тетово, како и Службата за пребарување и спасување во планина на Косово.

Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспоставил директна комуникација со еден од планинарите преку телефонски разговор и СМС-порака, при што му било соопштено дека екипа од Косово ќе пристигне за да ги извлече.

Косовската служба за пребарување и спасување во планина постојано била во контакт со планинарите, а во меѓувреме било потврдено дека се во добра здравствена состојба.

Во 16:50 часот, ЦУК добил потврда дека двајцата странски државјани се пронајдени во добра состојба и се транспортираат кон Штрпце, на косовска територија.

Од ЦУК информираат дека во текот на целата акција ја координирале комуникацијата со надлежните служби од Македонија и Косово, со цел безбедно извлекување на планинарите.

Текстот Координирана акција на Македонија и Косово за спасување на двајца планинари е превземен од МАКФАКС.