Честите блокади на одлуките на Европската Унија што ги спроведуваше Унгарија под водство на поранешниот премиер Виктор Орбан поттикнаа расправа за начинот на кој Унијата ги носи надворешнополитичките одлуки. Париз и Берлин сега поддржаа иницијатива за побрзо и поефикасно одлучување за надворешната и безбедносната политика, се наведува во писмо во кое „Политико“ имал увид.

Писмото е упатено до високата претставничка Каја Калас, а го потпишале 11 земји членки, меѓу кои Франција и Германија. Во него се предлагаат пет начини за забрзување и подобрување на процесот во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), што ја отвора и можноста за почесто користење на гласањето со квалификувано мнозинство.

Според правилата на ЕУ, одлуките од областа на ЗНБП мора да се носат едногласно. Тоа правило често создаваше застои бидејќи поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан редовно користеше вето за да блокира одлуки што ги поддржуваа преостанатите 26 земји членки.

Германија веќе подолго време се залага за преминување од едногласно одлучување на гласање со квалификувано мнозинство (QMV). Франција, заедно со уште некои земји, традиционално се противеше на тоа, но ова писмо ја отвора можноста за поширока примена на тој модел, иако во него директно не се бара целосна промена на начинот на гласање.

„И натаму се стремиме кон консензус секаде каде што е можно“, се наведува во писмото. Покрај Франција и Германија, го потпишале и министрите за надворешни работи на Австрија, Шведска, Данска, Финска, Белгија, Холандија, Романија и Шпанија. „Но, мора да обезбедиме таа култура на консензус да го поттикнува заедничкото дејствување, а не да го спречува – во спротивно ќе имаме легитимитет, но не и сила.“

Во писмото конкретно се предлага посилно почитување на начелото на искрена соработка меѓу членките и користење конструктивна воздржаност наместо директно вето, за да не се блокира дејствувањето на Унијата. Понатаму, се бара забрана за поврзување на темите за кои се одлучува со неповрзани национални барања, со што би се спречиле уцени.

Предлозите вклучуваат и охрабрување на високата претставничка Каја Калас да ги истражи опциите во рамките на постојните договори, како таканаречената „пасарела клаузула“, која овозможува промена на правилата за одлучување без измена на договорите. На крајот, земјите што користат вето поради витални национални причини би морале детално да ја образложат својата одлука, особено во случаите во кои е предвидено гласање со квалификувано мнозинство.

За писмото ќе се разговара оваа недела на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во форматот Гимних, кој се одржува во ирски Виклоу.

На состанокот ќе се разгледуваат и опциите за реформа на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), дипломатското тело на ЕУ што го води Каја Калас. Според француско-германски документ во кој „Политико“, исто така, имал увид, една од опциите е Калас да стане извршна потпретседателка на Европската комисија.

Во тој случај, таа би добила директен надзор над ресорите за трговија, развојна помош и одбрана. Се предлага и поголем дел од персоналот на ЕЕАС да биде интегриран во нов оддел на Комисијата за надворешни односи. Според тој предлог, персоналот задолжен за безбедносната и одбранбената политика би останал во рамките на ЕЕАС. Во новата единица би се задржало правилото една третина од вработените да бидат дипломати од земјите членки.

Во документот, исто така, се нагласува улогата на земјите членки во обликувањето на надворешната политика. Се предвидува високата претставничка да има формална улога во поднесувањето извештаи до лидерите на ЕУ и од нив да добива директни инструкции за време на состаноците на Европскиот совет.

Текстот Единаесет земји бараат поефикасно одлучување во ЕУ и помалку блокади со вето е превземен од МАКФАКС.