Украинските напади со беспилотни летала врз цели длабоко на руска територија сè повеќе се одразуваат врз секојдневниот живот на граѓаните, јавуваат светски медиуми.

Во последниот период, украинските сили извршија низа напади врз руски рафинерии, енергетски постројки, аеродроми и друга инфраструктура. Последиците, според извештаите, се највидливи во снабдувањето со гориво, каде во делови од земјата се појавија недостиг и долги редици на бензинските пумпи.

Украина ги смета руските енергетски капацитети за легитимни воени цели, со образложение дека тие обезбедуваат гориво и финансиски средства за руската воена индустрија.

Погодена една од најголемите руски рафинерии

Еден од последните пријавени напади бил насочен кон рафинеријата во Омск, која е во сопственост на „Газпромнефт“. Украинската војска соопшти дека станува збор за една од најголемите руски рафинерии за производство на бензин која била погодена во нивните операции.

Објектот се наоѓа илјадници километри од украинската граница, што според Киев покажува дека неговите беспилотни летала имаат можност да дејствуваат на големи далечини.

Редици на бензински пумпи и ограничувања во продажбата

Во повеќе руски региони возачите чекаат со часови за да набават гориво, а дел од бензинските пумпи воведоа ограничувања во продажбата.

На Крим и во Новоросијск, според медиумските извештаи, продажбата на бензин била ограничена, а предност добивале државни институции, јавни служби и одредени компании поврзани со снабдувањето.

Проблемите со горивото создаваат притисок и врз транспортот и земјоделството. Дел од земјоделците предупредуваат дека продолжениот недостиг може да влијае врз жетвата и дистрибуцијата на храна.

Расте стравот од нова мобилизација

Според анализите на светските медиуми, во Русија сè повеќе се зборува за последиците од војната – нападите со дронови, прекините на интернетот и можноста за нова мобилизација.

Истражување на Фондацијата за јавно мислење покажува дека 55 отсто од испитаниците се загрижени за состојбата во земјата, што е зголемување во однос на претходната година.

Загриженоста, според извештаите, не се однесува само на воените случувања, туку и на економските последици и растот на трошоците за живот.

Путин признава проблеми, но најавува продолжување на воената политика

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна призна дека зголемените украински напади врз инфраструктурата создаваат сериозни предизвици за земјата.

Сепак, тој порача дека Русија има доволно ресурси и политичка волја да продолжи со воените операции.

Аналитичарите оценуваат дека зголемениот притисок врз руската инфраструктура не мора да значи промена на курсот на Кремљ, туку може да доведе до дополнително заострување на одговорот на Москва.

Текстот (Видео) Рафинериите под удар, пумпите без гориво: Русија се соочува со последиците од украинските напади е превземен од МАКФАКС.