Европската Унија ќе реагира брзо и решително ако Соединетите Американски Држави ги исполнат заканите на претседателот Доналд Трамп за воведување царини од 100 проценти на европските земји ако воведат даноци за дигитални услуги на американските компании, изјави портпаролот на Европската комисија.
„Сите даноци по својата природа се недискриминаторски и се однесуваат подеднакво на сите големи компании, без оглед на нивното потекло. Едностраните мерки насочени кон ваквите легитимни политики се неоправдани. Доколку се спроведат, ЕУ ќе реагира брзо и решително за да ги одбрани своите права и регулаторна автономија“, изјави портпаролот на Комисијата.
Американскиот претседател Трамп се закани дека ќе воведе царини од 100 проценти на сите стоки од земјите кои воведуваат данок на дигитални услуги на американските компании. „Голем број европски земји во моментов дебатираат за воведување данок на дигитални услуги на американските компании“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
„Некои од овие земји се навистина блиску до тоа“, додаде тој. „Нека ова соопштение служи како најава дека секоја земја што ќе наметне таков данок веднаш ќе се соочи со 100-процентни царини за сите стоки испратени во Соединетите Американски Држави.“
Комисијата истакнува дека ЕУ и нејзините членки имаат суверено право да ги регулираат економските активности на своја територија, во согласност со нивните демократски вредности и меѓународни обврски.
Портпаролот на Комисијата изјави дека Европската Унија „постојано поддржува глобално решение за фер оданочување на дигиталната економија, во согласност со заклучоците на министрите за финансии на Г7. Ова останува наш претпочитан пат и ние сме подготвени конструктивно да работиме за да го постигнеме тоа“.
Текстот ЕУ му одговори на Трамп: Ако тој воведе царини, ќе реагираме брзо и решително е превземен од МАКФАКС.












