Министерот за здравство, Азир Алиу ги поздрави присутните на отворањето на 49. пленарна седница на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа (SEEHN), која се одржува во Скопје под претседателството на Израел.
Во своето обраќање, министерот посочи дека Здравствената мрежа на Југоисточна Европа веќе 25 години успешно ги обединува земјите од регионот околу заедничката цел – подобро здравје и благосостојба за граѓаните.
„Здравствената мрежа прерасна во силна меѓувладина организација која денес обединува девет земји членки и претставува значајна платформа за размена на искуства, градење капацитети и унапредување на здравствените политики. Во фокусот на пленарната седница се теми од особено значење за иднината на здравствените системи, меѓу кои развојот на дигиталните здравствени иновациски екосистеми, унапредувањето на напредните улоги и лидерството во сестринството, како и подготвеноста и отпорноста на здравствените системи при кризни и вонредни состојби, истакна министерот Алиу.
Тој потенцираше дека државата останува силно посветена на дигиталната трансформација на здравството, зајакнувањето на улогата на медицинските сестри и унапредувањето на националните капацитети за подготвеност и одговор на здравствени закани и итни ситуации.
Воедно, тој најави дека на негова иницијатива, во септември годинава, под покровителство на Светската банка ќе се одржи регионална конференција на која ќе учествуваат министрите за здравство од земјите од регионот, со цел дополнително продлабочување на соработката и размена на добри практики.
Учесниците на 49. пленарна седница ќе дискутираат за заедничките предизвици и можности за развој на поотпорни, поефикасни и поинклузивни здравствени системи во Југоисточна Европа.
Текстот Во Скопје се одржува 49. пленарна седница на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа е превземен од МАКФАКС.

















