Денеска во организација и со поддршка на Проектот EU4FAST, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во Рим, Италија, оствари работна средба со генералниот директор на италијанската полиција, информира МВР.
На средбата се разговараше за унапредување и продлабочување на билатералната соработка меѓу македонската и италијанската полиција, со посебен акцент на заедничкото справување со современите безбедносни предизвици, како што се тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, сајбер криминалот, криминалот поврзан со криптовалутите и крипто-пазарите, како и превенцијата од криминал преку интернет.
Како полициски служби кои се соочуваат со исти или слични безбедносни закани, беше потврдена подготвеноста за понатамошно интензивирање на размената на информации, податоци и оперативни искуства поврзани со криминалните активности на поединци и организирани криминални групи, со цел поефикасно откривање, спречување и сузбивање на сите форми на криминал.
Посебно внимание беше посветено на идните заеднички проекти во областа на обуките, тренинзите, едукацијата и размената на знаења и добри практики, особено во борбата против тероризмот, сајбер криминалот, илегалната миграција, злоупотребите поврзани со криптовалутите, како и примената на современи аналитички методи и алатки во полициското работење.
Во духот на меѓусебната доверба и партнерство, беше потврдена подготвеноста за воспоставување поцврста институционална рамка на соработка преку подготовка на меморандум или протокол за соработка, со јасно дефинирани директни контакт-точки од двете полиции за секоја област од заеднички интерес. На овој начин ќе се овозможи побрза комуникација, поефикасна координација и навремена размена на информации и оперативни сознанија.
Исто така, беше потврдена подготвеноста за развивање идни заеднички регионални иницијативи и проекти, имајќи предвид дека безбедносните предизвици денес не познаваат граници и бараат координиран, партнерски и регионален пристап.
Македонската и италијанската полиција остануваат искрени и доверливи партнери кои преку пријателство, меѓусебна поддршка и професионална соработка даваат значаен придонес кон националната, регионалната и глобалната безбедност. Заеднички градиме посилни институции, посигурни општества и побезбедна иднина за македонските и италијанските граѓани, соопшти МВР.
Текстот Директорот на БЈБ Јанев оствари работна средба со генералниот директор на италијанската полиција во Рим е превземен од МАКФАКС.
















