Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Лондон оствари средба со државната секретарка за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
„На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно унапредување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економските односи, трговијата и инвестициите“, соопштија од Министерството.
Министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Владата кон спроведувањето на Договорот Влада со Влада, како и интересот за натамошни заеднички активности насочени кон привлекување британски инвестиции и дополнително зајакнување на економската соработка. Во таа насока, било разговарано и за следните чекори во развојот на стратешкиот дијалог меѓу двете земји.
На средбата станало збор и за Коридорите 8 и 10 како проекти од инфраструктурно и стратешко значење, при што соговорниците разговарале и за прашања поврзани со регионалната и европската стабилност и безбедност.
Притоа, тие размениле мислења и за важноста на соработката и партнерството во рамките на НАТО, актуелните глобални безбедносни предизвици, војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.

















