„Oбразовниот систем денес е распарчен, бирократизиран и брутално партизиран. Лабораторија за политички експерименти на ВМРО, на штета на учениците и просветните работници. Се носат закони со сериозни штети врз образовниот систем и квалитетот на oбразованието со кои уште повеќе ќе се зголеми одливот на млади кадри од државата“, рече Јованче Манасков – Комисија за образование на СДСМ.
„Училиштето е сведено на фабрика за оценки, факултетот е често само чекална за Бирото за вработување или биро за иселување.
Вистина е дека средното и високото образование станаа класна бариера, каде успеваат само тие со длабок џеб, додека талентот на учениците и студентите се губи во застарените методи.
СДСМ во програмата „Твоја држава – твоја шанса” нуди конкретни решенија и нов пристап кон образованието.
Нашата визија е интелигентна Македонија, каде државата инвестира во мозокот на нацијата како во свој највреден капитал.
Праведно е да имаме задоволни наставници и професори, задоволни ученици и студенти.
Предвидуваме систем кој не ги тера учениците и студентите само да учат за тест, туку да учат за да се стекнат со знаење, да се адаптираат во општеството и кариерно да напредуваат во својата земја.
Ќе обезбедиме ваучер од 2.000 евра за секој матурант за обуки за програмирање, вештачка интелигенција и зелени технологии – за да имаат пристап без финансиски трошок до најдобро платените работни места.
Секој млад човек мора да има пристап до факултет, а тоа да не биде товар за семејниот буџет.
Затоа во нашата платформа предвидуваме целосно бесплатни студии на државните универзитети.
Во време на високо развиена технологија, секој ученик ќе има бесплатен персонален систем за учење, базиран на вештачка интелигенција.
Праведно е образованиот систем и стекнувањето знаење да е достапно во секој период од животот.
Во нашата платформа имаме концепт за трансформација на факултетите во хабови за доживотно учење.
Секој граѓанин без разлика на возраста, може да се врати на факултет за бесплатни „микро-квалификации“ прилагодени на потребите на новата економија.
Предвидуваме секој граѓанин да добие дигитален пасош на знаење -државата ќе депонира средства во форма на ваучери наменети исклучиво за доживотно учење и преквалификација во текот на целата кариера.
Платата на наставникот да стане највисока во јавниот сектор, со најмалку 25% повисока од просечната нето плата во државата.
Наставникот мора да стане најплатениот и најпочитуваниот професионалец, бидејќи тој е архитектот на нашиот заеднички успех.
Паметна држава значи моќен народ. Знаењето нема веќе да биде привилегија, тоа е право“, изјави Јованче Манасков – Комисија за образование на СДСМ.

















