„Наша примарна цел е да ги излечиме болните, но онаму каде што веќе медицината е немоќна, каде што настапува мозочна смрт, следен законски, медицински, хуман чин, е да се побараат органите за трансплантација“, порачува проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација во видео обраќање во рамки на националната кампања, што се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“
„Пред сѐ, сакам да се заблагодарам на сите досегашни органодарители, коишто спасиле многу животи, а воедно да ја поттикнам јавноста да размисли, за ова хумано, човечно дело, така што по смртта на своите блиски или по својата смрт да дарува органи, коишто значат живот, спас за луѓе кои секој ден го чекаат повикот, да добијат нова шанса за живот“, вели проф. д-р Кузмановска.
Во рамки на националната кампања, утре на Медицинскиот факултет во Скопје, со почеток во 15 часот, ќе се одржи и трибината „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, на која ќе учествуваат претставници на Владата, здравствените институции, трансплантациските тимови, граѓански организации, студенти и здравствени работници. Целта на овој настан е темата за органодарителството да стане дел од отворен, информиран и одговорен јавен разговор.
„Нашата задача е да ја замениме недовербата со знаење, стравот со информираност и неизвесноста со јасно изразена лична волја. Зад секоја согласност стои нова шанса за живот“, истакнува министерот за здравство, Азир Алиу.
















