Шпанските здравствени власти потврдија дека до крајот на 2025 година се регистрирани вкупно 111 случаи на анапластичен лимфом на големи клетки, ретка форма на рак поврзан со импланти за гради. Шпанската агенција за лекови и медицински производни (Aemps) примила вкупно 146 сомнителни пријави откако започнала да ја следи состојбата во 2012 година, објавува Euronews.
Податоците се дел од шестиот извештај за следење на националниот протокол за откривање и проучување на овој вид лимфом, изготвен врз основа на извештаи регистрирани во Системот за надзор на медицински производи. Агенцијата со години спроведува специфичен надзор на болеста во соработка со медицинските друштва и европските здравствени власти.
Според извештајот објавен од агенцијата, најголем број пријави се регистрирани во Мадрид, по што следат Андалузија, Каталонија и Валенсија.
Анапластичниот лимфом на големи клетки поврзан со импланти за гради, меѓународно познат како BIA-ALCL, е редок вид на не-Хочкинов лимфом. Важно е да се нагласи дека ракот не потекнува од самото ткиво на дојката, туку од клетките на имунолошкиот систем кои можат да се развијат во ткивната капсула околу имплантот.
Aemps нагласува дека ова е ретка болест чија инциденца е ниска во споредба со големиот број жени кои имаат импланти во градите. И покрај ова, агенцијата ја нагласува важноста на понатамошниот надзор и подобрувањето на раното откривање. Досегашните истражувања сугерираат дека болеста има повеќе причини.
Меѓу факторите што се проучуваат се видот на имплантот што се користи, генетската предиспозиција и можните воспалителни процеси или контаминација поврзана со имплантацијата. Сепак, експертите забележуваат дека дефинитивна причинско-последична врска сè уште не е утврдена и дека механизмот што го активира развојот на лимфом сè уште не е прецизно познат.
Текстот Шпанија откри 111 случаи на редок рак поврзан со импланти за гради е превземен од МАКФАКС.





















