Чешкиот премиер, Андреј Бабиш, го доведе во прашање продолжувањето на финансирањето за Украина, велејќи дека не е јасно колку долго ќе траат средствата за помош на земјата или која е нивната крајна цел.

Зборувајќи со новинарите во Брисел, пред вонредниот самит на Европската Унија, Бабиш тврдеше дека Украина добила околу 520 милијарди евра од почетокот на војната, додека уште 90 милијарди евра помош се планирани за 2026 и 2027 година.

Коментирајќи го барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за дополнителни 70 милијарди евра, Бабиш рече дека Прага не гледа смисла во обезбедувањето на тие пари ако властите во Киев не можат да објаснат за што се наменети.

„Сакам да прашам која е целта. Дали ќе ѝ даваме на Украина 135 милијарди евра секоја година и до кога? Колку години? 10, 20, 30? Или каква е стратегијата?“, праша Бабиш, според чешкиот портал iDNES.

На самитот во Брисел, лидерите на земјите-членки водат жестока дебата за предлогот за долгорочниот буџет на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година. Земјите што уплаќаат повеќе во заедничкиот буџет отколку што добиваат од него се за намалување на средствата, додека нето-примателите бараат зголемување на буџетот. Нацрт-седумгодишниот буџет предвидува издвојување од 100 милијарди евра за Украина.

Дополнително, Европската комисија минатата недела предложи нов заем од 45 милијарди евра за покривање на потребите на Украина за следната година. Заемот е наменет за покривање на дефицит што Украина го проценува на околу 70 милијарди евра. Европската Унија вети дека ќе покрие две третини од таа сума, додека од другите сојузнички земји се очекува да придонесат со преостанатите 25 милијарди евра.

Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија објавија дека не сакаат да учествуваат во трошоците за заемот, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц ја условува поддршката за новата повеќегодишна финансиска рамка (MFF) со заедничко учество на сите 27 земји-членки во покривањето на финансискиот дефицит на Украина за 2027 година.