Австралискиот министер за здравство Марк Батлер изјави дека карантинот за патниците кои биле вратени во земјата од крузерот „Хондиус“, на кој се појавил хантавирусот, ќе биде продолжен на вкупно 42 дена.

„Патниците се информирани за советите и одлуката на владата. Со задоволство можам да кажам дека тие сè уште се добро“, рече Батлер, пренесува Ројтерс.

Батлер изјави дека карантинот на крузерот ќе биде продолжен до 23 јуни.

Од 15 мај, четири австралиски државјани, еден постојан жител на таа земја и еден жител на Нов Зеланд се ставени во карантин во објект во близина на Перт во Западна Австралија.

Првично требало да останат во тој објект до 5 јуни, но карантинот бил продолжен по совет на властите.

Епидемија на хантавирус била идентификувана на холандскиот крузер „Хондиус“ во април, а досега се потврдени 13 случаи на инфекција кои биле директно поврзани со епидемијата.

Досега се идентификувани три смртни случаи поради хантавирус меѓу патниците на тој крузер, а до 11 мај сите патници се истоварија и беа евакуирани од бродот, многумина во нивните матични земји за карантин.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно изјави дека нема нови смртни случаи од 2 мај.

Текстот Аларм во Австралија: продолжен карантинот за патниците поради хантавирус е превземен од МАКФАКС.