Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави денеска дека Израел ја проширува својата воена офанзива во Либан со учество на „значајни копнени сили“, и тоа и покрај прекинот на огнот што беше договорен со посредување на Соединетите Американски Држави, а кој е на сила до почетокот на јули.
Оваа изјава беше дадена на почетокот на состанокот на израелскиот безбедносен кабинет, соопштија од неговиот кабинет, пренесува агенцијата „Анадолија“.
„Ги продлабочуваме нашите операции во Либан, а израелската војска таму делува со значајни копнени сили и контролира стратешки области“, изјави Нетанјаху, без да прецизира за кои точни локации станува збор.
Тој исто така тврди дека војската „воспоставува безбедносен појас“ со цел да ги заштити градовите во северен Израел.
Најавата на Нетанјаху доаѓа во време кога израелската војска продолжува да го прекршува прекинот на огнот кој стапи на сила на 17 април, а кој САД подоцна го продолжија до почетокот на јули.
Според податоците на либанските официјални лица, во израелските напади од почетокот на март досега се убиени речиси 3.200 луѓе, ранети се повеќе од 9.600, додека над 1,6 милиони жители се раселени.
Фото: depositphotos
Текстот Нетанјаху: Ја прошируваме воената офанзива во Либан е превземен од МАКФАКС.






















