Припадниците на Логистичката база (ЛБ) денеска во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележаа 20 Мај – Денот на Логистичката база, единица која претставува носечки столб на логистичката поддршка во Армијата.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, командантот на Бригадата за Југоисточна Европа – SEEBRIG, бригаден генерал Билбил Битри, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, претставници на воено-дипломатскиот кор, МВР, локалната самоуправа, команданти на командите и единиците, пензионирани генерали и припадници на единицата и други гости.

Министерот Мисајловски истакна дека единицата е „значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата“ и дека успешноста на активностите кои припадниците на Армијата ги изведуваат се должи на Логистичката база и на припадниците кои овозможуваат ефикасна, организирана и функционална логистика.
„Логистиката отсекогаш била столб на успешноста на сите воени единици. Фактот дека вие ја координирате поддршката за сојузничките сили кои транзитираат низ нашата земја и дека давате логистичка поддршка за реализација на најголемите вежби кои го одбележаа периодов, меѓу кои и вежбата „БЛЕСОК 26“ на која сме исклучително горди, го покажува вашето суштинско место во системот на одбраната“, рече Мисајловски.

Министерот укажа и на довербата која граѓаните ја имаат во Армијата, благодарение на поддршката од Логистичката база.
„Вашата поддршка во справувањето со големите природни непогоди и кризни состојби, вашата поддршка во реализацијата на активностите на разни организации и здруженија, овозможува Армијата да биде со своите граѓани и да им служи како столб на кој можат да се потпрат во секакви ситуации“, подвлече тој.
Во своето обраќање, генерал-мајор Азим Нуредин истакна дека Логистичката база претставува клучен сегмент во системот на поддршка на Армијата, нагласувајќи дека без ефикасна и навремена логистика нема успешна реализација на ниту една задача, вежба или операција.
„Посветеноста, професионалноста и способноста за брза и ефикасна поддршка претставуваат суштинска алка во одржувањето на оперативната готовност на Армијата. Токму преку вашата работа се потврдува дека логистиката не е само поддршка, туку и еден од главните предуслови за функционална, подготвена и современа Армија“, истакна генералот Нуредин.
Тој им оддаде признание на припадниците на единицата за нивниот ангажман во реализацијата на секојдневните активности, меѓународните вежби, како и за поддршката при справување со последиците од кризите и вонредните состојби.

Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, во своето обраќање нагласи дека „логистиката не е само поддршка, таа е крвоток на секоја воена организација – невидлива сила што овозможува движење, снабдување, одржување и функционалност во секој момент и во секоја ситуација, при што истакна дека „Моќта не лежи во индивидуалците, туку во тимската работа и колективните капацитети, а токму тоа е силата на Логистичката база.“
По повод Денот на единицата, во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки, признанија и награди.
Логистичката база го одбележува 20 Мај во спомен на Разловечкото востание од 1876 година, кога започнале првите организирани логистички подготовки поврзани со востанието. Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, овој датум е определен за Ден на Логистичката база.
Основната мисија на Логистичката база е планирање, организирање, координирање и реализација на логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата.
Текстот Припадниците на Логистичката база го одбележаа 20 Мај – Денот на Логистичката база е превземен од МАКФАКС.























