Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба директно телефонски да го контактира рускиот претседател Владимир Путин доколку сака да организира средба лице в лице.
Фицо ова го изјави ден по неговата посета на Москва, каде што присуствуваше на одбележувањето на Денот на победата.
Словачкиот премиер посочи дека за време на лична средба во Ереван, Зеленски му рекол дека е подготвен да се сретне со Путин „во кој било формат“.
„Му ја пренесов пораката на украинскиот претседател Володимир Зеленски на претседателот на Русија. За време на нашата лична средба во Ерменија ми рече дека е подготвен за состанок со Путин во кој било формат. Одговорот е очигледен – ако претседателот на Украина е заинтересиран за средба, треба телефонски да го контактира својот руски колега“, изјави Фицо.
Фицо ја поддржа и иницијативата за продолжување на тридневното примирје меѓу Русија и Украина, кое е поддржано од САД.
„Примирјето е апсолутно неопходно за да се отвори простор за она што е најважно – дипломатски напори, дијалог и преговори, кои се илјада пати покорисни од меѓусебно убивање“, изјави словачкиот премиер.
Фицо беше единствениот лидер од Европска Унија кој ја посети Москва по повод Денот на победата, иако не присуствувал на воената парада.
Претходно словачки официјални претставници најавија дека Фицо би можел да му пренесе пораки од Зеленски на Путин за време на средбата во Кремљ.
Сепак, советникот на Путин, Јуриј Ушаков, подоцна изјави дека таква директна порака не била пренесена, иако потврди дека Фицо ги споменал своите неодамнешни разговори со Зеленски.
Посетата на Фицо на Москва следува по серија разговори со Зеленски и по политичките промени во Унгарија, каде што Виктор Орбан ги загуби изборите.
Според медиумите, по тие случувања Фицо започнал да користи поблаг тон кон Киев по неколкумесечни тензични односи меѓу Братислава и украинските власти.
Текстот Фицо: Ако Зеленски сака средба со Путин, треба директно да му се јави е превземен од МАКФАКС.























