Поради пристигнувањето на крузерот „MV Hondius“, во Тенерифе се спроведуваат силни безбедносни подготовки, откако на бродот беа потврдени случаи на опасниот андес сој на хантавирус, од кој досега починаа три лица.
Бродот, на кој има речиси 150 патници и членови на екипажот од 23 држави, треба да пристигне во индустриското пристаниште Гранадилја утре во раните утрински часови.
Големи подготовки во пристаништето
На пристаништето се поставуваат шатори, контролни пунктови и дополнителни безбедносни зони. На фотографиите и видеата од терен се гледа засилено присуство на шпанската полиција и итните служби, кои подготвуваат посебен простор за прием и проверка на патниците.
Покрај тоа, се поставуваат оградени коридори низ кои патниците ќе бидат пренесувани директно до автобуси и аеродромот, без контакт со локалното население.
Шпанските власти уверуваат дека патниците нема да дојдат во допир со жителите на островот.
Директорот на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ќе пристигне во Тенерифе за да ја следи целата операција. Тој испрати необична, директна порака до жителите на Тенерифе, признавајќи дека стравот кај луѓето е голем поради спомените од пандемијата со ковид.
„Не е вообичаено директно да им се обраќам на жителите на една заедница, но денес чувствувам дека тоа е неопходно. Сакам да ви се обратам како човек на човек“, напиша тој.
Тој нагласи дека СЗО во моментов смета дека ризикот за жителите на Тенерифе е низок.
„Знам дека сте загрижени. Кога ќе го слушнете зборот ‘епидемија’ и гледате брод како доаѓа кон вашиот брег, се враќаат спомени што никој целосно не ги заборавил. Но морам јасно да ви кажам: ова не е нов ковид“, порача Тедрос.
Патниците ќе се симнуваат по групи
Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави дека патниците ќе се симнуваат по национални групи и само кога авионот за нивната држава ќе биде подготвен за полетување.
Веќе се организирани летови за Франција, Германија, Белгија, Ирска, Холандија, Обединето Кралство и САД.
Потврдени шест случаи, тројца починати
Според податоците на СЗО, досега се потврдени шест случаи на хантавирус поврзани со бродот, додека уште два случаи се сомнителни. Тројца луѓе починале.
На бродот сè уште има 147 лица – 87 патници и 60 членови на екипажот.
Тројца патници веќе биле префрлени со авион во Холандија и се под лекарски надзор.
Што е хантавирус?
Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но Andes сојот, кој е откриен на бродот, во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек.
Вирусот предизвикува тешко белодробно заболување со смртност од околу 40 проценти. Првите симптоми наликуваат на грип – температура, замор и болки – а подоцна следуваат кашлица, отежнато дишење и течност во белите дробови.
Текстот (Видео) Шатори, коридори и полициски блокади: Тенерифе се подготвува за пристигнување на крузерот со хантавирус е превземен од МАКФАКС.























