СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски започнал кампања за внатрешно слабеење на партијата, наместо да понуди одговори за, како што велат, клучните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Во партиското соопштение се наведува дека власта избегнува да одговори на прашањата поврзани со економската состојба, инфлацијата, поскапувањето на горивата и храната, животниот стандард, реформската агенда и други политички теми.
Од СДСМ тврдат дека преку „црни кампањи“, закани со обвинителство и полиција, како и преку „орбановски медиуми“, повторно се активирале, како што ги нарекуваат, „отпадници“ и „реформатори“ со цел дестабилизација на партијата.
„Повторно се појавуваат стари приказни, стари играчи, отпадници и исти методи, платени и уценети лица кои треба да внесат немир во редовите на партијата“, велат од СДСМ.
Во соопштението се додава и дека ВМРО-ДПМНЕ е, како што наведуваат, „во слободен пад“, обвинувајќи ја власта за неисполнети ветувања, економски проблеми и корупција.
СДСМ тврди и дека во Унгарија се водат истраги поврзани со злоупотреба на кинески кредит, перење пари и медиуми поврзани со Виктор Орбан.
„Не можете да ја застанете новата сила и новата енергија. Нема да отстапиме“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека се подготвуваат „да ја вратат довербата на граѓаните и Македонија на европскиот пат“.
Текстот СДСМ: Наместо одговори за кризата, Мицкоски води црна кампања против опозицијата е превземен од МАКФАКС.























