Со свечено поставување камен-темелник за изградба на нова трибина, Општина Илинден продолжува со унапредување на спортската инфраструктура на фудбалскиот стадион во населба Илинден.

Проектот се реализира во повеќе етапи, при што во првата фаза, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, беше извршена целосна реконструкција и проширување на теренот. Поставена е нова вештачка трева, изградена е заштитна ограда и имплементиран е современ систем за дренажа, со што се обезбедени услови за одржување натпревари според современите светски стандарди и УЕФА критериуми.

Со оваа фаза е предвидена изградба на трибина со капацитет од 1.100 гледачи, како и современи подтрибински административни и технички простории. Проектот опфаќа изградба на соблекувални со санитарни јазли и тушеви, простории за судии и официјални лица, тоалети за посетители, вклучително и за лица со попреченост, магацински и складишен простор и посебен коридор за играчите. Дополнително, хортикултурно ќе се уреди околниот простор, ќе се изгради паркинг со капацитет за над 60 возила, ќе се постави ново осветлување со рефлектори и ќе се обнови комуналната инфраструктура.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, министерот за спорт Борко Ристовски, пратеничката Драгана Бојковска, како и претставници на јавните институции, членови на Советот на Општина Илинден и бројни граѓани.

Градоначалникот Георгиевски истакна дека оваа инвестиција претставува значаен придонес за развојот на спортската инфраструктура и создавањето подобри услови за младите, како и дека Општина Илинден и во иднина ќе продолжи со инвестиции насочени кон создавање современи услови за спорт и подобрување на квалитетот за живот на граѓаните.

Министерот Ристовски ја потенцираше важноста од ваквите проекти и изрази поддршка за понатамошен развој на спортот во општината.

Општина Илинден и во иднина ќе продолжи да ги унапредува условите за спорт, при што новата трибина ќе има значајна улога во развојот на спортските активности и зајакнувањето на стадионот како центар на спортскиот живот во општината и регионот.

Текстот Поставен камен-темелник за изградба на трибина при стадионот во Илинден е превземен од МАКФАКС.