Јапонија утринава им оддаде почит на жртвите од атомската бомба фрлена врз градот Нагасаки пред 78 години, повикувајќи ги земјите да се откажат од нуклеарното оружје.

Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, рече дека државите кои поседуваат нуклеарно оружје треба храбро да ги отфрлат тие оружја, за кои велат дека се наменети како нуклеарно одвраќање.

Градоначалникот упати таква порака на комеморација која беше многу помала од вообичаеното бидејќи Јапонија се соочува со тајфунот Кануна, кој носи обилни дождови и силни ветрови. На комеморацијата не присуствуваа гости од Јапонија и странство, меѓу кои и премиерот Фумио Кишида.

За прв пат од 1963 година, комеморацијата на жртвите не се одржа во Паркот на мирот Нагасаки, туку во изложбениот салон. На церемонијата во 11:02 часот беше одржано едноминутно молчење за жртвите во знак на сеќавање на 9 август 1945 година, кога „дебелиот човек“, како што ја нарекоа атомската бомба, беше фрлен и експлодира над Нагасаки.

Само во градот Нагасаки, 70 000 луѓе загинаа директно од експлозијата, а 75 000 други беа повредени. Три дена претходно, САД фрлија атомска бомба и го уништија и градот Хирошима.