Хрватскиот ракометар Иван Чупиќ го замени дресот на Вардар 1961 со оној на ППД Загреб, но и покрај тоа навивачите засекогаш ќе го паметат по добро.

Во интервју за магазинот „Темпо“, Чупиќ говореше за периодот во Вардар и ја откри тајната на успехот на тимот кој двапати се искачи на кровот на Европа.

” Кога постојат амбиции и желба, кога се синхронизира соблекувалната како што беше синхронизирана во Вардар, кога постои глад за победа и кај искусните и кај помалку искусните играчи, тогаш не е важно кој е на другата страна. Тогаш ние сме важни. Уживавме во играта, се стававме во корист на тимот. Така размислуваа 20 играчи и не беше важно дали играш една или 60 минути. Во Вардар се скаутираа амбициозни играчи, а сопственикот Сергеј Самсоненко ги придобиваше нив со тоа што на маса ги увери сите дека овој клуб станува голем клуб. Мислам дека сите играчи, вклучувајќи ме и мене, дојдоа со желба за докажување и успех во Вардар, баш според тој разговор кој го имаа со газдата на клубот. Сите играчи кои дојдоа во Вардар подоцна се продадоа во уште поголеми клубови и со традиција каде се носители и каде играат“, изјави Чупиќ.

На прашањето: „Дали некој помислил дека е невозможно во Скопје да се создаде еден европски првак или се плашел дека проектот ќе трае само шест месеци?“, Чупиќ даде свое мислење.

„Не беше баш така. Знаевме дека Самсоненко е сериозен бизнисмен кој има безброј бизниси и во Македонија Ракометот за него беше хоби. Тргна на здрав начин, низ инсфраструктура, направи сала, изгради хотел и тоа пред да почне да носи сериозни играчи. Скопје е голем град, убав за живот, целата приказна беше вокомпонирана. Не одеше целата работа преку ноќ, како на пример да се донесат двајца-тројца играчи и да се очекува инстант успех. Самсоненко повеќе не е во клубот, ама целата инфраструктура остана на Вардар и тој потег се покажа како исправен“, додаде Хрватот.