Сите 27 членки на ЕУ бараат итни паузи на непријателствата меѓу Израел и Хамас и воспоставување хуманитарни коридори за доставување помош на населението во Газа, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

– Вчера работевме цел ден со цел да можеме да излеземе со заедничка изјава на сите 27 членки. Среќен сум што можам да кажам дека успеавме ставовите на сите 27 членки да ги вметнеме во една изјава. Знаете како беше тешко минатиот пат да се излезе со целосно усогласен пристап по гласањето во ОН, кога земјите гласаа на различен начин, истакна Борел.

Како што објави порталот „еuropa.eu“, во изјавата, меѓу другото, се повикува Израел да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на цивилните животи, дека се осудува практиката на Хамас да ги користи болниците и цивилите како жив штит, како и дека се изразува и загриженост поради цивилните жртви во болниците.

Прикажи повеќе