Цените на нафтата во понеделникот го достигнаа највисокото ниво од средината на април. Скокот на цената на црното злато дојде откако Украина во текот на викендот го нападна клучниот руски извозен центар за нафта, пристаништето Новоросијск.

Второ, како фактор на цената влијаеше и тоа што Саудиска Арабија најави дека ќе го продолжи намалувањето на производството за еден милион барели дневно.

И трето, официјална Москва, која е втор најголем извозник на нафта во светот, исто така соопшти дека ќе го намали извозот во септември. Како што пишува Си-ен-би-си, сите овие настани во изминатите неколку дена влијаеле цените на овој енергетски производ на берзите да достигнат највисоки вредности во последните четири месеци.

Да потсетиме, претходно тие растеа шест недели по ред. Скокот на цената на нафтата делумно се одразува и на поскапувањето на дизелот и бензинот на берзата. Нафтата може да ја покрене спиралата и за други поскапувања. Фјучерсите на брент во понеделникот се тргуваа за 86,17 долари за барел, што е највисока вредност од 14 април годинава. Вчера имаше благ пад од околу 1,60 отсто. Така, во вторникот брент се продаваше за 84,01, а ВТИ за 80,63 долари за барел. Еден од директорите на инвестициската компанија „Бизон интересс“, Џош Јанг, изјави дека очекува да види многу повисоки цени.

Прикажи повеќе