Хакери избришале 2 петабајти податоци од рускиот истражувачки центар „Планета“

Главната управа за разузнавањето на Министерството за одбрана на Украина, тврди дека проукраинските хактивисти го пробиле рускиот центар за вселенска хидрометеорологија, познат како „Планета“ и избришале 2 петабајти податоци.

Планета е државен истражувачки центар кој користи податоци од вселенски сателити и извори на земја како радари и станици за да обезбеди информации и точни предвидувања за времето, климата, природните катастрофи, екстремните феномени и вулканскиот мониторинг.

Агенцијата е поврзана со Роскосмос, руската вселенска агенција, и поддржува повеќе сектори: војската, цивилното воздухопловство, земјоделството и поморството.

Во друг случај на хакирање, се вели дека сајбер-волонтери познати како „БО Тим“ успешно го пробиле далечниот источен огранок на Планета (најголемиот од трите).

Додека украинската влада не наведува дали биле вклучени во нападот, тие тврдат дека хакерите уништиле 280 сервери што ги користел истражувачкиот центар, во кои имало 2 петабајти податоци (2000 терабајти).

Овој огромен обем на информации би било тешко и скапо да се складира во резервни копии, па ако тврдењата на Украина се вистинити, ова е катастрофален напад на Планета.

Хакери избришале 2 петабајти податоци од рускиот истражувачки центар „Планета“
Ударни суперкомпјутери (gur.gov.ua)

Украинската разузнавачка служба вели дека штетата од загубата на податоци се проценува на 10 милиони долари, и влијае на работата на кластерите на суперкомпјутерите, а исто така и на долгогодишното истражување.

„Меѓу уништените податоци има метеоролошки и сателитски податоци, кои во постојан режим активно ги користеа руското Министерство за одбрана и „Роскосмос“ и неколку други државни агенции-агресори, како и долгогодишно уникатно истражување“, пишува во извештајот.

Оттаму велат дека „работата на суперкомпјутерите опремени во истражувачкиот центар е парализирана и не може целосно да се обнови“.

Украинците нагласуваат дека со оглед на ограничувањата наметнати од санкциите, кои сериозно го лимитираат капацитетот на Русија да ги обнови софистицираните компјутерски системи и софтвер, овој инцидент претставува сериозен предизвик што треба да го надмине истражувачкиот центар.

Покрај горенаведеното, сајбер-нападот наводно ги парализирал сите системи за климатизација и снабдување со електрична енергија во главната зграда на Планета и ја исклучила од мрежата станицата со седиште на островот Болшевик.

Нападите како овие, кои се промовирани, ако не и спонзорирани, од страна на украинската влада, не се без преседан, бидејќи владата призна дека извршила операции во претходните месеци со цел да ги саботира клучните агенции во Русија.

Во ноември минатата година, украинската разузнавачка служба ја хакираше руската Федерална агенција за воздушен транспорт „Росавијација“ и откри досиеја кои откриваат состојба на колапс на воздухопловниот сектор во земјата.

Подоцна, во декември, Украинците тврдеа дека ја хакирале Руската Федерална даночна служба (ФНС), бришејќи ја базата на податоци и резервните копии на агенцијата.

Извор: BleepingComputer

Подготви: Ј. Ѓ.